Турската разузнавачка служба преговара со Хамас за примирје во Појасот Газа
Шефот на турската разузнавачка служба, Ибрахим Калин, денеска се состана со лидерите на палестинското исламистичко движење Хамас за да разговараат за хуманитарната ситуација во Газа и напорите за постигнување прекин на огнот, јави турската агенција Анадолија.
Калин се состана со Мохамад Дарвиш, шеф на политичкиот совет на Хамас, владејачката група во Појасот Газа, и неговата делегација, на непозната локација, јави Анадолија, повикувајќи се на безбедносни извори.
Тие разговараа за хуманитарната ситуација во Газа и напорите на Турција да ја прекине војната и да обезбеди итен проток на помош во Појасот Газа, територија на која населението гладува и која е опустошена од војната која трае повеќе од 20 месеци.
Исто така, разговарале за „потребата од постигнување консензус меѓу палестинските групи во овој критичен период и чекорите што треба да се преземат за да се постигне траен прекин на огнот во Газа“, наведоа изворите, пренесе Бета.
Состанокот доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изрази оптимизам во врска со прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, велејќи дека тој би можел да стапи на сила веќе следната недела.
Израел воведе хуманитарна блокада на палестинската територија на почетокот на март, што доведе до сериозен недостиг на храна, лекови и други основни добра.
Блокадата беше делумно ублажена кон крајот на мај, кога Хуманитарната фондација за Газа (GHF), поддржана од Израел и САД, почна со дистрибуција на помош до центрите.
Американските власти во четвртокот соопштија дека издвоиле 30 милиони долари за финансирање на фондацијата, чии операции за дистрибуција на помош често предизвикуваат хаотични и смртоносни инциденти.