Туск: Полска е во контакт со НАТО поради повредата на воздушниот простор

Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, откако повеќе од десетина беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор за време на руските напади врз Украина, јави ДПА.

„Го информирав генералниот секретар на НАТО за моменталната ситуација и мерките што ги презедовме против објектите што го нарушија нашиот воздушен простор. Одржуваме постојан контакт“, рече Туск во објава на платформата на социјалните медиуми X.

Руски дрон денеска удри во станбена зграда во местото Вирики, во источна Полска, но никој не е повреден, објави приватната телевизиска станица Полсат њуз, повикувајќи се на информации од локалната полиција.

Претседателот Карол Навроцки рече дека добил информации од полските вооружени сили и дека наскоро ќе претседава со брифинг за национална безбедност, јави ДПА.

„Безбедноста на нашата земја е наш врвен приоритет и бара тесна соработка“, рече Навроцки во објава на X.

Тој додаде дека веќе присуствувал на состанок во Оперативната команда на вооружените сили, нагласувајќи дека безбедноста на земјата е врвен приоритет, јавуваат полските медиуми.

Полската полиција, истовремено, објави дека пронашла остатоци од еден од руските беспилотни летала во градот Чосновка, во близина на Лублин, каде што е во тек состанокот на кризниот штаб.

Главниот командант на полицијата издаде тревога за единиците од гарнизоните Подласки, Лублин, Подкарпатски и Мазовски, објави Полициската управа.

Полските власти рано утрово објавија дека руски беспилотни летала влегле во полскиот воздушен простор и дека полските воздухопловни сили употребиле оружје за да ги соборат.

Полската војска објави дека влегувањето на беспилотни летала во воздушниот простор на земјата за време на рускиот напад врз Украина е „чин на агресија“ што ја загрозува јавната безбедност и бара уништување на згради, пренесуваат британските медиуми.

 

Back to top button
Close