Тужба против ОпенАИ вредна 10 милиони долари: ЧетГПТ глумел адвокат без лиценца

Компанијата ОпенАИ (OpenAI), творецот на ЧетГПТ (ChatGPT), се соочува со нова тужба во која се товари за неовластено практикување право без американска лиценца и поттикнување корисник да прекрши судска спогодба преку поднесување неосновани поднесоци до федерален суд.

Американската подружница на јапонската осигурителна компанија „Нипон“ (Nippon Life Insurance Company of America) поднесе тужба пред федералниот суд во Чикаго, тврдејќи дека ОпенАИ незаконски му пружил правна помош на лице кое се обидело повторно да отвори веќе решен и отфрлен случај за инвалидски надоместок.

„ЧетГПТ не е адвокат“, се наведува во тужбата. Од „Нипон“ истакнуваат дека иако ОпенАИ покажа дека ЧетГПТ може да го положи правосудниот испит, „тој нема дозвола за практикување право во државата Илиноис, ниту во која било друга јурисдикција во Соединетите Американски Држави“.

Со тужбата се бара судска одлука со која ќе се утврди дека ОпенАИ  го прекршил статутот на Илиноис за неовластено практикување право, како и исплата на 300.000 долари за компензација на штета и 10 милиони долари како казнени пенали.

Од ОпенАИ излегоа со соопштение во кое тврдат дека „оваа жалба е целосно неоснована“. Адвокатот на „Нипон“, подружница на јапонскиот осигурител „Нисеи“, изјави дека компанијата во моментов одбива дополнителни коментари.

Според наводите на „Нипон“, ОпенАИ ја охрабрил жената (вработена во логистичка компанија осигурана кај „Нипон“) да продолжи со веќе спогодениот случај за инвалидитет. Компанијата тврди дека потрошила значително време, ресурси и средства за одговор на бројните поднесоци генерирани преку ЧетГПТ.

Овој случај се смета за еден од првите каде голем развивач на вештачка интелигенција е директно обвинет за неовластено практикување право преку четбот наменет за широката потрошувачка. Тужбата доаѓа во време кога брзото усвојување на оваа технологија во правната сфера доведе до чести „халуцинации“ на вештачка интелигенција во судските документи. Поради ова, судиите веќе почнаа да изрекуваат санкции за адвокати и странки кои доставуваат поднесоци со измислени цитати на случаи или други непроверени материјали произведени од алатки на генеративна вештачка интелигенција.

Целиот случај произлегува од поднесоците на вработената откако таа во јануари 2024 година се спогодила за прекин на тужбата за долгорочни инвалидски примања. Жената не е именувана како обвинета во оваа нова тужба.

„Нипон“ тврди дека жената минатата година во ЧетГПТ прикачила е-пошта од нејзиниот тогашен адвокат, по што четботот наводно ги потврдил нејзините сомнежи во врска со добиените правни совети. По ова, таа го отпуштила адвокатот и се обидела повторно да го отвори затворениот случај користејќи го ЧетГПТ.

Иако судијата го одбил тој обид во февруари 2025 година, „Нипон“ наведува дека тужителката потоа поднела нов случај и десетици поднесоци и известувања за кои компанијата тврди дека немале „никаква легитимна правна или процедурална цел“, а биле составени токму од ЧетГПТ. Во поднесоците таа се повикувала на случаи и преседани, наведени од ЧетГПТ, иако такви настани воопшто не се случиле.

Од осигурителната компанија посочуваат дека ОпенАИ ги променил своите правила во октомври за да им забрани на корисниците да ја користат платформата за правни совети, но тврдат дека претходно такви забрани не постоеле.

Back to top button
Close