ТВ 24:„Плацеви на Водно“: Тензично и нервозно рочиште

Тензично и нервозно започна денешното судско рочиште за случајот “Плацеви на Водно” откако обвинителство најави дека ќе го презентира Доказот 90, доказ кој го следи патот на парите со кои, според обвинителството, обвинетите купувале плацеви на атрактивна локација во скопската населба Водно.

Одбраната побара овој доказ да биде презентиран откако ќе го добијат вештачењето. Но, не само тоа. Адвокатите тврдат дека овој доказ е незаконски обезбеден.

Обвинителката Лиле Стефанова категорично ги отфрли обвинувањата на одбраната со образложение дека комуникацијата на приватниот мејл не е собирање докази, туку барање за собирање докази и дополнување на тие барања. Доказот 90 содржи документи обезбедени со меѓународна правна помош која може исклучиво да ја води министерството за правда на Македонија. А во документите испратени од неколку кипарски институции е наведено која компанија, во кој период и на кој начин префрлале пари од една во друга фирма. Во документите има и податоци за сопственичката структура на фирмите во кои се вклучени и дел од обвинетите.

„Кога се доставува замолница за меѓународна правна помош а до министерството за правда тогаш се остава телефонски број и e-mail адреса на надлежниот обвинител со кој странската држава од која се бара помошта евентуално би комуницирал доколку тоа е неопходно. Тоа ја забрзува постапката и не се губи време на долгите дипломатски процедури.“ – вели Лиле Стефанова.

По жалбата на Камчев до судијата Илија Трпков дека затворските служби продолжуваат да ги кршат неговите права, адвокатот Меникиноски најави дека не се откажува од намерата неговиот клиент Камчев да ги ужива сите права како и другите притвореници а предвидени со сите домашни и меѓународни правни акти.

Со презентацијата на Доказот 90 заврши изведувањето на материјалните докази на обвинителството по што  почна сведочењето на првиот сведок, адвокатот Лазар Бошњаковски од Скопје, кој бил првиот контакт помеѓу сопствениците на земјиштето и посредниците со обвинетите кои сакале а подоцна и го купија атрактивното земјиште на Водно.

Во случајот “Плацеви на Водно” обвинети се Никола Груевски, Сашо Мијалков, Орце Камчев, Ратка Куновска Камчева, Ненад Јосифовиќ и Ристо Новачески. Тие се товарат за “Перење пари” и “Противзаконско стекнување на имот”.

Back to top button
Close