ТВ Алсат: Компанија што Владата ја забранила како неетичка ќе врши надзор на изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“

Според документите кои ги обезбедила телевизија Алсат, Владата пред околу три години на сите државни институции и општини им забранува да ја ангажираат компанијата ,,Ептиса” на тендери вредни над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово–Белаковце. Одлуката е донесена на седница на Владата одржана на 24 ноември 2020 година
Десет недели подоцна, односно на 9 февруари 2021 година, Министерството за финансии е известено дека Владата донела одлука за укинување на одлуката одобрена на 24 ноември 2020 година
Градежните работи на Коридорите 8 и 10-д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, ќе ги надгледува компанија на Бранислав Димитријевиќ, лице кое е под истрага во Ерменија и кое на 21 април 2021 година е уапсено во Хрватска врз основа на меѓународна потерница издадена од Интерпол, објави денеска Алсат ТВ, како продолжение на истражувачката сторија што вчера ја објави ,,Призма”.

Градежни работи на Коридор 8/Фото: Архива
Според објавите, Димитријевиќ е основач на две компании – „Евро консалтинг“, чиј основач е Димитријевиќ, а со која од јуни 2021 година управува неговиот син Зоран Димитријевиќ, додека другата компанија е „Ептиса“, француско-шпански конзорциум, во која, според наводите, таткото Димитријевиќ се јавува како „лидер на тимот“ на компанијата.

Алсат ТВ успеала да обезбеди два документи, кои, како што се наведува, се донесени на владини седници.

Според документите, Владата пред околу три години донела одлука со која на сите државни институции и општини им се забранува да ја ангажираат компанијата ,,Ептиса” на тендери вредни над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Белаковце. Одлуката е донесена на седница на Владата одржана на 24 ноември 2020 година. Во оваа информација, според документите до кои дошла телевизијата, стои потписот на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, сега обвинет во случајот „Софтвери“ за кој во тек е судска постапка.

Десет недели подоцна, односно на 9 февруари 2021 година, Министерството за финансии е известено дека Владата донела одлука за укинување на одлуката одобрена на 24 ноември 2020 година, а институциите заедно со општините сега можат да доделуваат тендери со вредност над 1 милиони евра на фирмата на обвинетиот од ерменските власти – „Ептиса“.

Од Јавното претпријатие за државни патиштита, за ангажманот на „Ептиса“, велат:

„Изборот помина на управна контрола, а до Државната комисија за жалби беа упатени две жалби, но институцијата ги одби. Постапките за избор беа во согласност со сите законски и подзаконски акти за јавни набавки и сè беше транспарентно од самиот почеток“.

Владата нема одговор зошто се предомислила
Владата, посочува Алсат, засега нема одговор за причините за укинување на одлуката од 24 ноември 2020 година.

Според документ кој се однесува на Бранислав Димитријевиќ, Амбасадата на Република Северна Македонија во Загреб, Хрватска, на 23 април 2021 година ги известила Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи во Скопје дека три дена претходно, односно на 21 април 2021 година, македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ е уапсен од хрватските власти и оти се наоѓа во екстрадициски притвор во Осиек.

„Известени сме дека на 21.4.2021 година Бранислав Димитријевиќ, државјанин на Северна Македонија, се наоѓа во истражниот затвор во Осиек поради екстрадиција во Ерменија. Судската одлука е донесена врз основа на меѓународната потерница од Интерпол во Ерменија, на 31.3.2021, а врз основа на одлуката за негово апсење од судот во Ерменија од 20.11.2019 г. за кривична постапка за делото „измама“ за надзор на изведби во Коридорот Север – југ во периодот 2009-2018 година во Ерменија“,

се вели во писмото од Амбасадата на Северна Македонија во Загреб.
БИРН (,,Призма”) откри дека Димитријевиќ се гони во Ерменија за три кривични дела. Освен за „измама“, Димитријевиќ се гони и за „противправно стекнување или продавање службена исправа“ и за „нелегално поминување на државната граница“. Последните две кривични дела се однесуваат на евакуацијата на Димитриевиќ од Ерменија со приватен авион потпомогнат од македонски државјани кои всушност биле дипломати. Сомневањата се дека Димитријевиќ добил дипломатски пасош за евакуација.

Тој е обвинет од ерменското обвинителство дека „создал организирана група со македонските државјани Владимир Сарафов, Миле Миленкоски, Стево Симски, Зоран Спирев, бугарскиот државјанин Филип Спирев и украинскиот државјанин Володимир Столјарчук“.

Back to top button
Close