Тв Телма: Нема почеток на преговорите со ЕУ до крајот на годината

 

Нема почеток за преговори за Mакедонија со Eвропската унија до крајот на годинава. Во нацрт-заклучоците на Советот за општи работи на Европската унија, закажан за осми декември и во кој Телма имаше увид се нагласува дека Советот во моментов ја испитува преговарачката рамка за Македонија.

Советот ја поздравува одлучноста на Северна Македонија да ја унапреди реформската еу агенда, која го отвори патот за почеток на преговори во март 2020. Моментно советот ја испитува преговарачката рамка за пристапни преговори со северна македонија и се радува на одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро по нејзиното одобрување, во согласност со заклучоците на советот од 25 март годинава, пишува во заклучоците.

Поради бугарската блокада, во заклучоците на Советот не е наведен датум за одржување на меѓувладината конференција, што значи дека тој ќе биде вклучен во преговарачката рамка, кога таа ќе биде усвоена. Во заклучоците Советот повторно ја нагласува важноста на добрососедските односи и регионалната соработка.

Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елемент на процесот на проширување, како и од процесот за стабилизација и асоцијација. Советот потсетува на важноста на постигнување опипливи разултати и добронамерна примена на билатералните договори, вклучувајќи го договорот од преспа со грција и договорот за добрососедство со бугарија како дел од процесот на проширување, пишува во нацрт-заклучоците.

Вчера, на состанокот на амбасадорите на земјите членки на ЕУ Бугарија го  потврдила ставот дека останува на ветото за Македонија.

Состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија, е закажан за идниот вторник. Македонската влада се надева дека до тогаш може да се најде решение за отворените прашања со Бугарија, со изготвување на еден вид патоказ кој би значел насоки за спроведување на Договорот за добрососедство што е потпишан пред три години.

Во нацрт-заклучоците на Советот, има забелешки за судството, јавната администрација и економските реформи. Советот посочува дека иако изборите на 15 јули беа добро спроведени, сепак значителните законски измени и владини декрети, ја поткопале легалната стабилност и препорачува имплементирање на забелешките на ОБСЕ/ОДХР.

Советот исто така го поздравува усвојувањето на законот за јавното обвинителство но посочува дека независноста, професионализмот и непристрасноста на судскиот систем мораат да бидат обезбедени за да се надгради досега постигнатиот напредок.

Советот особено ја посочува важноста од спроведување на препораките на Антикорупциската комсисија, за која вели дека била делумно проактивна во спречување на корупција, разгледувајќи наводи за непотизам во јавната администрација и отворила повеќе случаи.

 

Back to top button
Close