Творечкото кредо на Оливера Николова

Сепак, делото што се создава во молк, во кој се заборава светот, мора да се отпечати, за да заживее како книга. Парадоксално, но кога книгата ќе се отпечати, таа станува продажен предмет, а тој зависи од пазарот и од рекламата. Така тоа што се пишувало во молк, станува јавност и култура, некогаш елитна, некогаш масовна. Саемите на книгите  често се и парада, панаѓур на суети, а уметникот во нив е естрадна личност. Како да се најде мерката во таа напнатост меѓу овие два пола – творештвото и неговото опредметување – за да може авторот да остане верен на своето творечко кредо? Овој аспект го допира Николова на суптилен начин во обраќањето, преку мноштвото прашања чиј одговор треба да го даде секој од нас. И тоа е плод на „мајсторството“ на долгото искуство: на тие кои од ваквото обраќање на големата писателка очекуваат да им го открие „рецептот“ на својот успех, таа им ги нуди само нејзините јанѕи и дилеми во творештвото.

Се прашувам, како успеала во овој свет да не се „зарази“ од копнежот по „светска слава“? Кога сознала дека треба од славата да се бега, за да може и понатаму да се создава во молк и повлеченост од светот? Колку мора да е длабока нејзината скромномудрост, за да ја сочува чиста само радоста во делото, без да сонува за светска слава? За тоа „треба да се има став кон нештата, кон сопствениот живот и личност. Да се има контрола врз сопствениот избор. Можеби грешам, но јас секогаш истакнувам дека пишувањето за мене е – јас да се почувствувам како личност која може нешто да создаде, најискрено што умее“, одговара таа на друго место. Во тоа и‘ помага сознанието дека таа и’ припаѓа на македонската литература, а не македонската литература нејзе. Тоа ја прави „понизна“ кон јазикот и кон творештвото. Нејзиниот творечки ерос потекнува од љубовта, но не кон себе си како творец, туку кон творештвото, кон јазикот, зашто за неа нејзиниот „јазик на изразување“, македонскиот, е „најубавиот јазик на светот“.

Но, тоа уште не е доволно за да се има таква творечка скромномудрост, доколку не се сознала „природата“ на јазикот на кој пишуваме. Тој јазик, македонскиот, не‘ поучува дека „понекогаш безмерната радост ја сметаме за лесноумна, бесмислена, за кобничка опасност од која се комплицира животот“, истакнува Николова. Тоа значи, на скромност творецот се учи ако се „вслушува“ во етосот на јазикот, кој ни открива дека треба да се чини се‘ со мерка, со дикат. Затоа што Николова целосно му  припаѓа на македонскиот јазик,  тој ја учи на „скромномудрост“, на тоа никогаш да не падне во искушение да се доживее како „мајсторка на зборот“ и да се возгордее пред јазикот, небаре тој и‘ служи на нејзината слава, а не таа нему. Од друга страна, токму затоа што ја постигнала таа скромномудрост, Николова ја согледува јасно суштинската димензија на литературата воопшто, а со тоа и на македонската, кога вели дека „и ние вредно ја ткаеме мрежата на светот заедно со другите“. Нејзе и‘ е јасно дека тој што пишува треба да се мери секогаш само со најдобрите, но себе си никогаш да не се смета самиот за најдобриот!

За да се стане достоен на вака разбраниот творечки процес, треба да се поседува самокритичноста и скепсата кон секаков патос кои ја одликуваат најголемата макeдонска писателка. Таа не се доживува себе си ниту како „голема“, ниту како „писателка“, иако остварила грамадно литературно дело, не само во литературата за деца, туку и за возрасни. Како што реков еднаш во друга пригода, да немаше македонскиот јазик толку малку говорители, таа одамна ќе требаше да ја има добиено Нобеловата награда. Но, кога ќе го прочитате внимателно нејзиното обраќање, ќе сознаете дека со вакви изјави не го допирате ниту јадрото на нејзината личност ниту нејзиното творечко кредо, зашто тие нешта за неа едноставно не се важни. Во едно интервју таа вели дека е „задоволна“ од наградите, но „ќарот“, што значи, заслугата, била на делото, а не на авторот. „Има природи на коишто им е мачно“ кога ќе бидат (јавно) наградени, кои „би сакале да избегаат, да се засолнат од тој публицитет“, вели Николова. Таа е таква „природа“ и најрадо би пишувала книги „под псевдоним“, зашто тогаш би се радувала на успехот на делото на безбеден, „скришен“ начин, без да знае јавноста дека таа е авторот. Творците како неа се веќе наградени со секое ново дело.

Зошто не милува да се нарекува „писателка“? Не затоа што нема „родова“ сензибилност или затоа што не сака да зборува за „женско писмо“, туку затоа што таа не сака да си придава важност. Тоа е исто „мајсторија“ од долгото животно искуство како да се остане насочен само врз најважното – пишувањето, во кое тој или таа што пишува станува речиси родово неутрален, односно неутрална, за да може да ги опише во делото сите родови разлики. Зборот „писателка“ Оливера Николова го употребува во обраќањето на „Про-за-Балкан“ само кога ги опишува контекстите во кои таа бива „приземјувана“ од другите: со мајтапот на сосетката за „нашата мила писателка“, со скепсата на мајка и‘ за ќерката која сака да стане „некаков си писател“ и со уверувањето на син и‘ кој и ден-денес претпочитал да нема мајка писателка, зашто таа била „пред се’ мајка, после се’ друго“. Трите перцепции на нејзиното писателствување кај другите, таа ги наведува повторно само како сознанија што и‘ помагаат да не падне во занесот дека е „писателска ѕвезда“ и за да остане „трезвена“ како писателка. Тоа е особината што е најблизу до значењето на „скомномудроста”, како што е грчкото „софросини“ и германското „Besonnenheit“ или црковнословенското „смиреномудрие“. Сите овие поими обединуваат во себе и самокритичност, разумност, скромност, одмереност, воздржаност и мудрост. Сето тоа ја одликува личноста на Оливера Николова. Тоа значи, тој што се решава да го избере занаетот на пишувањето треба да знае дека останува калфа до крајот на животот, а дали во некое дело му успеало да покаже малку повеќе мајсторство, ќе покаже само временската дистанца. „Она што го работиме никогаш не ќе знаеме со сигурност кои бедеми ги поставува, се’ додека не го пропуштиме времето да истрча пред нас и да ни мавта од иднината за повикување“, сведочи Оливера Николова.

Притоа, таа не прави култ ниту од творечкиот чин, зашто ни покажува дека тие часови на „молчаливост и индиферентност за светот“ се небаре крадено време за творештвото на жена која во секојдневието има уште многу други обврски. „Прво се појавува потребата некоја тема да ја објаснам и почнувам да собирам материјал. Ништо не запишувам. Се‘ се гради и созрева во мене. Кога тоа ќе „преврие“ седнувам, но тоа седнување е прекинато од болни мајки до болни внуци, од гости, од мажи што сакаат едно, до жени што сакаат друго… Пишувам како што живеам.“ А Оливера Николова пишува маестрално, иако такви пофалби таа не милува да слуша. Но, тоа смееме да го кажеме ние, нејзините восхитувач(к)и, особено во мигот кога и‘ е доделена значајната награда на „Про-за-Балкан“ за посебниот придонес за балканската литература. Таа е одамна вткаена како македонска писателка не само во балканскиот литературен „ткаеж“, туку и во меѓународниот. И‘ честитаме од срце, да ни е жива и здрава

Кица Колбе

Извор: дв

Back to top button
Close