ЊУЈОРК: АВЕНИИ НА ЉУБОПИТНОСТА
I
(Урбана географија на фешнот)
На почетокот, кога одев по Lower East Side, кој се развил последниве години во култно арт и модно суб-културно средиште или барем едно од таквите на Менхетен, одев со инстикт на ‘француски марксист’: внимателно набљудуваш, ти се допаѓа, те изненадува, мигрантското, опасно, а сега пост-панк-модно портфолио, но ја смируваш возбудата, имаш потреба да го примиш сето тоа на некаков контролиран начин, да го подредиш во фиоки – со убеденост дека во џебот го имаш историско-материјалистичкиот метод и дека ќе можеш се да објасниш. Да ги смириш своите емоции и возбуди е потребно за некако да го исконтролираш сето тоа изобилство на емоции и надразби, а да не биде баш како Оскар Вајлд кога вели: ги решаваш предизвиците и искушенијата предавајќи им се… Нормално, не успеваш во тоа и ти текнува на жалбите на многуте кои живееле во Њујорк, дека е агресивна зујачка машина на култура, музика, архитектура, мода и луѓе, луѓе од сите можни краеви на светот – што те наплавува, те носи, те впива и внимаваш само да не те “исплука“ надвор.
Њујорк е град на улици, моќни авении, ќошиња, ааблокови, ретко плоштади. Тој е град на самци (62% од граѓанството) и нивните кучиња. Тој е град на радикална мултикултура и град во кој има пет-шест различни града, ставено под ист ритам. Тој е град на долги улични потези, на згуснување по деловите на улиците со мрежа на кафеа и ресторани, продавници, потоа паузи на шетачки лер. Ги има оние хоризонтални линии на гаражни плехови испошарани со графити и Хуперовски полупразни кафеа и бистроа со понекој внатре што чмае.
Таков е и во овој Долно-Источен Дел на Менхетен, но овде како и во Сохо, Нолита, Вилиџ и Трибека, градот повеќе личи на Амстердам отколку на Њујорк од филмовите. Со таа разлика што овде еклектичната архитектура е веројатно во својот врв: неверојатна, дрска, стара и нова и безобразно необзирна во комбинациите кон чистунството на стилистите. И морам да кажам ослободувачка, тоа чувство ве преовладува: ослободувачка и малку валкана во милна комбинација на супер-дизајнерски продавници и скопска валканост по тротоарите и улиците. Треба да се навикнеш на купишта вреќи за рециклажа секој втор ден, како Кристо да ги замотувал, но сето тоа функционира, врви.
Храната е добра на моменти мошне добра. Бивтеците се ‘макс’ во овој град, виетнамската и таи храната се чудо, зеленчукот и овошјето послабо од Скопје, но го има во различни класи и изобилие кое плени. Внимаваш кобајаги на неоргански додатоци и антибиотици во неа, и те фаќа нивната параноја на здрава органска храна… Иако Њујорк има можеби најдобра улична храна сепак се обидуваш да ја прескокнеш и одиш често во Хелс Кичен (квартот наречен Ѓаволската Кујна на Деветта Авенија од некаде 50-та улица се’ до 38-та најинтезивно), чудо од густина од храна од сите краеви на светот и најневеројатни ресторани и кафеа. Го шеташ повторно и повторно бидејќи разбива анксиозност и кога не ти се јаде и пие, те “отвара у струк“. Таму има и еден музички клуб, Бар 9‚ кој има забавни живи свирки скоро секоја вечер од 9, кои не се посебно добар џез, но се добри.
Првата истакната батерија на архитектура, музика, субкултурни хашиш продавници и музички продавници на стари плочи, продавници на висока мода, самокритички наречени „наследници на крадците“ и обврзни штампани маици (кои заедно со поло капите се инаку култ во Њујорк). Храна има насекаде и сè мириса на неа, неколку најдобри кинески ресторани и италијански стари таверни, како кафето Ричи каде висел Дејвид Боуви – се на потегот улицата Блекер стрит, во нејзината целост од 8 Авенија се’ до Трета Авенија, која во хоризонтала го подвлекува Долен Менхетен (на потегот исток-запад под Вашингтон парк сквер каде завршува Петтата Авенија), а е испресечена во вертикала со култните улици: МекДугал, Томпсон, Мaлбери, Крозби, Мот и Елизабет. Ова е некаков средишен Гринич Вилиџ (Нолита) преклопен со Горен Сохо кој почнува под него и е неверојатен жив мулти-култи и убав дел на градот, со архитектура до четири-пет спрата, европски вид со нивните фасади од цигла и пожарни скали секаде на фасада. Меморијата за него и животот во него за мене потполно го потиснува филмскиот и велелепен Њујорк од Петтата Авенија, Медисон, Лексингтон или Тајмс Сквер.
Во овој дел на Блекер е најдобриот блуз клуб во Њујорк со фантастичните Келтон Купер (не сум видел подобра свирка на електрична гитара одамна), Бари Беар Харисон на тапани, басистите ги менуваа, а втората гитара беше Боби Брајан (не знаеш кој е подобар…).
Познатите и извикани Мала Италија и Кинеска четврт, кои се во таа околина се до Канал Стрит улицата (иако за многумина вистинската Мала Италија, малку албанизирана всушност, се наоѓа во Бронкс на Артур Авенијата), има сè повеќе залутани туристи, малку како “пластичарска“ кај нас но не и така евтина, беа неинтересни за мене. Сепак ако готвите дома можете да купите поевтино зеленчук и риба, на кинеските тезги таму.
Во овој дел кој е и универзитетски дел на Њујорк Универзитетот, се наоѓаат и неколкуте добри џез клуба: на Третата улица со МакДугал – Блу Ноут, малку подоле на Седма Авенија и Десетта улица – Вангард и Смалс клуб, на Блекер – споменатиот Тера Блус и Ред Лајон. Овој последниов не е џез клуб, тука одлепуваат стари рокери и млади гимназијалци, но е полн и секој божји ден има свирка од 4 попладне до 4 после полноќ. Сум се изнаслушал амерички кантри, рок енд рол и поп верзии на овие стари мајстори (кои не знаеш дали ќе паднат насреде изведба од надуваност, алкохол или едноставно возраст), кога импровизираат состави.
Околу Кристофер улицата во Западен Вилиџ е линијата на создавање и одбрана на правата на квир заедницата. Денес е малку гентрифицирана но сè уште свежа. Таму се наоѓаат и трите ресторана на нашиот неверојтно успешен ресторан-кинг Емил Стевков. Инаку, неговиот ресторан Гран Бушери, во арт деко стил на 52 улица и Седма Авенија е прогласен за еден од најдобрите 4 ресторана во Њујорк.
Втората батерија на овој гео-простор на урбаниот фешн е потегот од 14 до 4 Улица и Втора и Трета Авенија, во Источен Вилиџ. Таму се Осма Улица – Свети Маркс, историската мека на субкултурата, уметничката имиграција, на панкерите и дрогата, која завршува во Томкинсон парк (место на бескрајни судири на мигрантската и панкерска младина и старина со полицијата и со светот како таков). И сега, улицата мириса на марихуана по цел ден, која легално се продава . Малку се чудни овие делови денес, кои и понатаму имаат супер ресторани, вински барови, пабови и кафеа, некои луди панк модни продавници (двата најдобри виетнамски ресторана се таму Мадам Во на Десетта и Нон Ла на Четврта улица), бидејќи се преплавени со дотерани азијати и богата хипстерана која одлучила “малку као да одлепи“ на улицата која има рејтинг дека од 60-тите наваму собирала сè одлепено.
Но и најкул пабот Мек Сорли се наоѓа таму, на Седма улица и Трета Авенија. Тој е еден од најстарите во Њујорк и е неверојатен. Кога ќе влезете, подот е прекриен со пилевина, сите ѕидови се со стотици стари пожолтени слики до непрепознатливост, има некои стари лустери и гусани ќумбиња и се пие пиво секогаш во две чаши, црно или светло (нема избор вакво или онакво, едно е). Со него може да се јаде најдобриот ход дог со кисела зелка, рен и сенф. Има еден стар украински бармен кој уста не затвара и на табла над шанкот пишува (Ирци, патем, се кршеле од ќутек тука): „биди добар или оди си“. Кога основачот, таткото му го дал Пабот на синот кога за тоа, нели, дошло време, по брзо време му го одзел назад, бидејќи овој сакал да продава виски освен пиво. Значи само пиво и ништо друго.
На Трета улица, која во продолжение се нарекува Грејт Џонс и Трета Авенија (во кое соседство живееле Буови, Вархол и Баскијат) е едно здание кое не може да се опише како зграда. Изгледа како складиште на еден спрат со безброј анархично-фантастични графити и плакати исшарано. Ако се одалечите малку ќе забележите дека најголемиот графит кој ги содржи сите други е круната на Баскијат, неговиот уметнички потпис. Всушност од кога правел само графити Баскијат, тогаш самонаречен САМО (Same Old Shit) ја задржале иста фасада (за да остане таква, се борат културњаците на Градот). Цената за продажба денес е околу 40 милиони долари). Успеваат сега за сега во тоа и местото е културен споменик. Тој по пат преживува со тоа што дел, малку иронично и’ се дал на концесија на Анџелина Џоли, да отвори едно добро издизајнирано, супер-бело кафè. Тоа тотално отскокнува од надворешноста, но демек Анџелина вработува таму само мигрантки, кои прават слатки и јадење од различни кујни и “као“ со тоа операцијата е хуманистичка, ама всушност е и малку White-Washing. Независно, имаше добри слатки и капучино со латици од роза(??).
Можеби клучниот фешн дел, навистина фантастичен за бивање-во-град е делот на улиците Мерсер, Грини и Вустер, кои се вертикали и ги сечат попречните улици: Принц, Спринг и Брум. Тоа е фантастично ре-изграден стар Њујорк. Таму зградите се обновени со апартмани со супер високи таваници (и цени), некогаш гореле често поради греењето со јаглен, а сега од тоа ги имаат задржано само пожарните скали. Неверојатно убав дел. Сите модни брендови имаат втор дуќан таму и некои од супер галериите се таму.
На раскрсницата помеѓу Принц и Грини, продава штампани маици веќе 30 години една Њујоршка легенда: Мартин Розентал. Подостарен хипик со кој се препознавме од пред десет години на истото место и со кого пак пребарувавме по неговите летувања во Хрватска-Југославија и Грција виа Македонија кои ги памети како светол дел на неговото глобтротерството во 70-тите. Неколку негови маици со Телоноис Монк, Алберт Ками и Џејмс Болдвин со гордост носам.
На Вустер Стрит има некои чудни и примамливи социјални простори: галерии, кафеа и места за чмаење (сега ги викаат мултимедијални центри), цел ден со или без лаптоп, како на пример местото наречено Сега и Овде. Малку само потаму е Кенс Брум Стрит пабот.
…
Продолжува
Љубомир Д. Фрчкоски