„Њујорк Тајмс“: САД ги предупредиле иранските преговарачи Арагчи и Калибаф дека се можни израелски цели

Американските претставници индиректно ги предупредиле шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, и претседателот на иранскиот Парламент, Мохамед Багер Калибаф, дека Израел може да се обиде да ги убие за време на преговорите со Вашингтон за завршување на војната, објави денеска „Њујорк тајмс“ (NYT), повикувајќи се на американски претставници.
Весникот наведува дека некои американски претставници веруваат дека Израел наводно планирал да ги убие двајцата главни ирански преговарачи во неделите по примирјето од 8 април, со кое завршија борбите во војната меѓу САД, Израел и Иран.
Поради овие стравувања, американските претставници побарале од своите партнери во регионот да го предупредат Техеран дека Израел може да се обиде да ги ликвидира Арагчи и Галибаф.
Како што наведува њујоркшкиот весник, кога започнаа нападите на 28 февруари и додека Израел спроведуваше операции во кои беа убиени голем број високи ирански претставници, Арагчи и Калибаф можеа да бидат цел.
Меѓутоа, откако беше прогласено примирје на почетокот на април и двајцата ирански функционери беа назначени да ја претставуваат земјата во преговорите за прекин на огнот, американските претставници проценија дека секој обид за нивно убиство речиси сигурно ќе доведе до пропаѓање на преговорите и ќе предизвика ескалација на конфликтот.
Според весникот, конкретната закана за Калибаф се појавила додека се враќал во Иран од Исламабад, каде на 12 април имал разговор со американскиот потпретседател, Џ.Д. Венс.
Двајца американски претставници изјавија за „Њујорк тајмс“ дека иранските безбедносни служби го информирале екипажот на авионот на Калибаф за разузнавачки информации дека Израел планира да го нападне авионот и дека два израелски борбени авиони влегле во иранскиот воздушен простор од Ирак.
Авионот направил итно слетување во Машхад, во североисточен Иран, а Калибаф и членовите на неговата делегација го продолжиле своето патување кон Техеран по копно.
Ројтерс во март објави, додека борбите сè уште траеја, дека пакистански функционер рекол дека Израел ги отстранил Арагчи и Калибаф од списокот за елиминација откако Пакистан побарал од Вашингтон двајцата да не бидат цел на напади.
Пакистанскиот претставник тогаш навел дека Исламабад ги предупредил САД дека ако еден или двајцата бидат убиени, нема да има повеќе соговорници за преговори за прекин на огнот.
„Затоа САД го замолија Израел да се откаже“, рече пакистански функционер






