„Њујорк тајмс“: САД и Украина потпишаа договор за ресурси без долгорочни безбедносни гаранции

Украина не добива безбедносни гаранции од САД во рамките на новиот договор за природни ресурси, соопшти „Њујорк тајмс“ во обемна анализа.

Во финалниот текст на договорот, потпишан од американскиот министер за финансии Скот Бесент и украинската министерка за економија Јулија Свириденко, не е вклучено клучното барање на Киев за долгорочна заштита. Сепак, договорот предвидува можност за зголемена воена помош од САД доколку не се постигне мировен договор со Русија, наведува весникот.

Според извори на „Политико“, договорот бил потпишан во последен момент поради разочараноста на Доналд Трамп од застојот во преговорите со Москва.

Во анализата се невадува и дека покрај американските отстапки – вклучувајќи евентуално признавање на Крим и укинување на санкциите – рускиот претседател Владимир Путин досега не покажал подготвеност да ги прифати условите за примирје.

Во Белата куќа засега немаат јасна стратегија што понатаму, ниту околу договорот со Украина, ниту околу односите со Путин, додаваат изворите за весникот. Можно е воведување нови санкции против Русија, но не е познато дали Трамп е подготвен на таков потег.

Претходно, Трамп тврдеше дека договорот за украинските ресурси ќе донесе 500 милијарди долари за САД, но подоцна проценката беше намалена на 120 милијарди. Според него, тоа ќе ги надомести американските трошоци за помошта кон Киев. Во договорот, сепак, не се наведува дека Украина треба да ја врати воената поддршка.

Ен-Би-Си Њуз јави дека геолошките експерти ја доведуваат во прашање вредноста на украинските ресурси, посочувајќи дека администрацијата на Трамп се потпирала на стари геолошки карти. Реалната вредност на ретките метали би можела да биде околу 12 милијарди долари, а не 500 милијарди.

„Ретките метали се викаат ретки со причина. А тие ги имаат многу, изјави Трамп на синоќешната седница на кабинетот. „Постигнавме договор со кој нашите пари се заштитени и можеме да почнеме со ископувања.

Back to top button
Close