Њујоршкиот маратон откажан поради коронавирусот

Маратонот во Њујорк, кој првично требаше да се одржи на 1 ноември, беше откажан поради пандемијата од коронавирус, објавија организаторите на трката.

„The New York Road Runners“ (NYRR), во партнерство со кабинетот на градоначалникот, соопштија дека решението за откажување на најголемиот маратон во светот е заради корона кризата и загриженоста за здравјето и безбедноста на сите учесници, гледачи, волонтери и персонал.

– Откажувањето на годинашниот маратон беше неверојатно разочарувачка одлука за сите вклучени, но неизбежно од гледна точка на здравјето и безбедноста, рече извршниот директор на „NYRR“ Мајкл Капирацо во изјавата.

Долгата 26,2 милји трка, која се движеше низ сите пет населби од градот и имаше 53.640 финалисти во 2019 година, е втора од шестте големи светски маратонски трки што треба да се откаже оваа година, поради пандемијата КОВИД-19. Бостонскиот маратон, првично закажан за април, а подоцна одложен за септември, беше откажан за прв пат во својата 124-годишна историја.

Токискиот маратон се одржа на 1 март само во присуство на елитни маратонци, лондонскиот маратон беше одложен за 4 октомври од 26 април, а организаторите на оној во Берлин во текот на денот објавија дека нивното натпреварување исто е откажано. Првично требаше да се случи на 26-27 септември, но тоа не беше можно поради забраната на германската влада за масовни собири на повеќе од 5.000 лица до 24 октомври.

Маратонот во Чикаго не објави никакви измени на закажаната трка во октомври.

Back to top button
Close