УЈП во Охрид: Сите што издаваат сместување и опрема за рекреација на вода имаат обврска да платат данок на личен доход

Во рамки на активностите за поголема даночна информираност и усогласеност во туристичкиот сектор, денеска Управата за јавни приходи во Охрид одржа информативно-работна средба со издавачи на вили, апартмани и соби, хотелиери, угостители и претставници на други дејности поврзани со туризмот.
Информативно-работната средба беше реализирана од страна на стручен тим на Управата за јавни приходи, во соработка со Општина Охрид, со цел зајакнување на соработката и навремено информирање на туристичкиот сектор за даночните обврски.
Средбата беше посветена на запознавање на туристичките работници со нивните права и обврски, со посебен акцент на пријавувањето на доходот од издавање недвижен имот, ангажирањето сезонски и повремени работници, како и пријавувањето на доходот од дејности од времен карактер.
Во текот на средбата беше презентирана кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, преку која се укажува дека сите граѓани што остваруваат доход од издавање сместувачки капацитети имаат обврска истиот навремено да го пријават и да го платат утврдениот данок на личен доход.
Беше појаснето дека обврската се однесува на сите што издаваат апартмани, станови, куќи, вили, соби и други сместувачки капацитети, независно од тоа дали имотот се издава на подолг период или само неколку дена во месецот.
–
Обврската постои и кога плаќањето се врши од домашен или странски гостин, во готовина или преку трансакциска сметка, преку Airbnb, Booking, Facebook, Kayak, Tripadvisor и други платформи.
На присутните им беше објаснет и начинот на пријавување на доходот остварен од закуп и подзакуп преку системот на е-Даночни услуги, како и начинот на пресметување на данокот на личен доход. Притоа беше посочено дека данокот се пресметува на бруто остварениот доход, намален за признатите трошоци, зависно од тоа дали просторот се издава неопремен или опремен со мебел.
Посебен дел од средбата беше посветен на ангажирањето лица во туристичката сезона, како што се: готвачи/ки, бармени/ки, собари/ки, рецепционери/ки, лица за чистење, одржување и други работни задачи. На работодавачите им беше укажано дека доколку ангажираат физички лица за сезонска или повремена работа, до најмногу 180 дена во текот на една календарска година, работниот ангажман треба да биде формализиран и пријавен согласно Законот за работно ангажирање на лица.
Со цел плаќање на данокот на личен доход и придонесите од задолжително социјално осигурување, работодавачите треба да обезбедат е-ПДД пресметка за данокот и МПИН пресметка за придонесите од Управата за јавни приходи преку нивните профили на системот е-даночни услуги.
На средбата беа опфатени и дејностите од времен карактер, кои се особено присутни во летната туристичка сезона. Станува збор, меѓу другото, за изнајмување кајчиња, педалинки, СУП даски, кануа, кајаци и друга опрема за рекреација на вода, но и за продажба на ракотворби, сувенири, накит и уметнички предмети.
Присутните беа информирани дека физичките лица што вршат дејност од времен карактер имаат обврска да го пријават остварениот доход и да го платат данокот на личен доход. За таа цел, пред започнување со дејноста се поднесува Барање за паушално плаќање на данокот на личен доход – Образец ДЛД-П, до надлежната организациона единица на Управата за јавни приходи.
„Пријавувањето на приходите и плаќањето на данокот создаваат еднакви услови за сите туристички работници и придонесуваат кон намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција. Редовното исполнување на даночните обврски е важно и за самата туристичка дестинација, бидејќи преку платените даноци се обезбедуваат средства за подобри јавни услуги, инфраструктура и развој на локалната заедница. Заедничката активност на Управата за јавни приходи и Општина Охрид претставува придонес кон создавање поуреден, одговорен и конкурентен туристички сектор, во кој правилното исполнување на законските обврски е предуслов за фер услови за работа и одржлив развој на туризмот“, велат од УЈП.s






