Уапсен хакер кој резервирал престој во луксузни хотели за еден цент
„Шпанската полиција уапси 20-годишен хакер кој со помош на софистицирана кибер технологија резервирал престој во луксузни хотели за само еден цент за ноќ. Ова е првиот познат случај од ваков вид, кој вклучува манипулација со системот за плаќање при онлајн резервации на хотели, иако не се исклучува можноста дека веќе имало вакви случаи и претходно, но не биле откриени, пишува шпанскиот онлајн портал Јуроуикли Њуз (EuroWeekly News).

Осомничениот, шпански државјанин, наводно измамил најмалку еден луксузен хотел во Мадрид за повеќе од 20.000 евра преку повеќекратни престои. Тој вчера беше уапсен додека престојувал во луксузниот хотел, каде вредноста на сместувањето се проценува на околу 1.000 евра од ноќ. Дваесетгодишникот наводно хакирал веб-страница за резервации на хотели, таргетирајќи го нејзиниот систем за валидација на плаќањата. Со кибер напад, ја изменил платформата за електронско плаќање така што трансакциите на рецепцијата изгледале комплетно овластени и завршени, иако всушност бил наплатен само минималниот износ од еден цент. Соби кои обично чинеле до 1.000 евра по ноќевање биле резервирани на овој начин. Резервациите на почетокот изгледале легални за хотелот и платформата за резервации, а измамата станала очигледна дури неколку дена подоцна, кога процесорот за плаќање ја префрлил вистинската сума на хотелската компанија.
Шпанската полиција го опиша нападот како „вешто“ осмислен за да го измени системот за валидација на плаќања, истакнувајќи дека ова е првпат властите да се соочат со ваква техника. Истрагата брзо започнала откако веб-страницата за онлајн резервации појавила сомнителна активност. Полицијата го следела осомничениот користејќи го неговиот вистински идентитет од резервациите и го уапсила во рок од четири дена.
За време на престојот, мажот консумирал и производи од минибарот и оставал други сметки неплатени, што дополнително ги зголемило загубите на хотелот. Извештаите укажуваат дека можеби оштетил повеќе хотели, иако нема конкретни докази за тоа. Дваесетгодишникот претходно бил уапсен и на Канарските Острови во врска со слично кривично дело. Тој најверојатно ќе биде обвинет за хакирање, измама и потенцијално други кривични дела поврзани со неплатени услуги.






