Уапсен сопственик на запалениот бар во швајцарскиот ски-центар

Швајцарската полиција денеска го лиши од слобода сопственикот на барот „Ле Констелејшн“ (Le Constellation) во ски-центарот Кранс-Монтана, каде што во кобната новогодишна ноќ животот го загубија 40 лица, а над 100 беа повредени.
Истрагата покажа дека плафонот на барот бил обложен со лесно запалива звучна изолација, која се покажа фатална кога искрите од прскалките на шампањските шишиња ја зафатиле. Дополнителен гнев предизвикаа снимките и сведоштвата кои се појавија во јавноста, а кои наводно покажуваат како сопственикот, додека гостите се бореле за живот, се обидувал да ја спаси касата со парите.
Градоначалникот на Кранс-Монтана претходно призна дека „Ле Констелејшн“ немал годишна инспекција за пожар уште од 2019 година, иако тоа било законска обврска. Трагедијата, во која настрадаа главно млади луѓе на возраст од 14 до 39 години, ја зави Швајцарија, но и поширокиот регион во црно, со оглед на тоа што меѓу жртвите има државјани на повеќе земји.






