Уапсени 13 лица по обид за принесување животинска жртва за време на празник во Ерусалим

Израелската полиција уапси 13 лица кои се обиделе да принесат животинска жртва на Ридот на храмот во Ерусалим по повод еврејскиот празник Шавуот.
Според соопштението на полицијата, осомничените ги пробиле оградите и втрчале во комплексот на Ридот на храмот со цел да го изведат обредот.
Официјално не е потврдено за кое животно станува збор и каква жртва планирале да принесат, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Евреите речиси две илјади години не принесуваат животински жртви, уште од уништувањето на Вториот храм, наведуваат израелските медиуми.
Помали радикални групи секоја година се обидуваат да го обноват овој древен ритуал, што предизвикува тензии.
Ридот на храмот е најсветото место во јудаизмот и едно од најсветите места во исламот, каде што се наоѓаат џамијата Ал Акса и Куполата на карпата.
На оваа локација е забрането принесување животински жртви и јавно еврејско молење со цел да се одржи постојниот статус кво.
Инцидентот се случил во особено чувствителен период, со оглед на тоа што крајнодесничарскиот израелски министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир отворено се залага за промена на статус кво состојбата на Ридот на храмот.
Извор: skopje1.mk






