Уапсени двајца осомничени за кражбата во Лувр
Двe лица се уапсени како осомничени за кражбата на накит од Лувр во Париз пред една недела.

Еден од осомничените е приведен на парискиот аеродром Шарл де Гол, а вториот во регионот на Париз, изјави за ДПА обвинителката на Париз, Лор Беко.
Двајцата се во притвор под обвинение за кражба, соопштија обвинителите. Се трага по уште двајца соучесници во кражбата.
Според телевизијата БФМ, двајцата уапсени мажи се на возраст околу 30 години и веќе и се познати на полицијата.
Франс Инфо објави дека трагите од ДНК пронајдени на местото на кражбата ги довеле истражителите до осомничените.
Париз Меч наведува дека уапсениот на аеродромот планирал да лета за Алжир.
Обвинителката Лор Беко го критикуваше предвременото откривање на информации од трети страни, велејќи дека тоа ја попречило истрагата.
Лувр беше затворен пред една недела откако четворица маскирани крадци упаднаа во „Галеријата на Аполон“, каде што се чува дел од кралскиот накит на Франција.
Тие скршија две витрини и украдоа осум парчиња накит што некогаш им припаѓале на француски кралеви и кралици, вредни околу 88 милиони евра.






