Уапсени две лица поради обид за осигурителна измама со фингирана сообраќајна незгода-откриени со системот „Безбеден град“

СВР Тетово информира дека вчера полицајци лишиле од слобода 44 годишник од Џепчиште и 45 годишник од Јажинце поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „осигурителна измама“. Тие превртеле четирицикл, а пријавиле сообраќајна незгода, но полицајците направиле проверка на видеозаписите од безбедносните камери на системот „Безбеден град“.
-На 8 јули 2026 година во 21:55 часот во СВР Тетово, С.А.(44) од с.Џепчиште пријави случена сообраќајна несреќа на крстосницата од ул.„135“ и ул.„Саво Тасевски“ во Тетово, каде наводно четирицикл со тетовски регистарски ознаки, управуван од Ш.А.(45) од село Јажинце, излетал од коловозот и се превртел. По преземени мерки полициски службеници извршиле проверка на видеозаписите од безбедносните камери на системот „Сејф Сити“ при што било констатирано дека четирициклот не учествувал во сообраќајна несреќа, туку бил донесен на местото со возило на влечна служба, растоварен и потоа намерно превртен од страна на неколку лица на тротоарот со цел да се фингира сообраќајна незгода, соопшти СВР Тетово.
Потоа СВР Тетово во координација и по насоки со Основно Јавно Обвинителство Тетово го има одземено четирициклот со потврда и задржан за понатамошна постапка. Околу 23:50 часот, полициски службеници ги лишиле од слобода возачот Ш.А. и пријавителот С.А. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „осигурителна измама“. Осомничените се задржани во полициска станица Тетово за понатамошна постапка, по што ќе следи соодветен поднесок.






