Уапсени се пет лица кои вршеле нелегален ископ на златни и сребрени монети во виничко

МВР информира дека вчера полициски службеници од ОВР Виница поради основано сомнение за сторено кривично дело „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни ресурси“ по чл.265 од КЗ, ги лишија од слобода И.А.(61) и С.А. (63), двајцата од с. Јакимово, виничко, Д.Т.(66) од Кочани, М.И.(62) и Ј.М.(30), двајцата од Виница.

Постапувајќи по претходна пријава, полициски службеници на пат во атар на с. Калиманци сопреле патничко возило „фиат браво“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.А. со сопатници И.А. и Д.Т. и патничко возило „опел вектра“ со штипски регистарски ознаки, управувано од М.И. од Виница со сопатник Ј.М., при што во двете возила биле пронајдени и одземени метален детектор и алат.

По насоки на надлежен јавен обвинител и по извршени проверки во содејство со кустоси од Музеј „Теракота“ Виница во с. Калиманци било констатирано дека пријавените во временскиот период од 13 до 15. овој месец извршиле ископ.

По наредба на Основен суд Виница, извршени се претреси во домовите на М.И., С.А. и И.А., при што биле пронајдени и одземени шест метални детектори, кутија со 43 златни и сребрени монети со различна големина и друг алат.

По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Back to top button
Close