Уапсени шест лица осомничени за планирање насилна промена на власта во Србија
Припадници на Министерството за внатрешни работи уапсија шест лица на неколку локации на територијата на Србија, под сомнение дека сториле кривично дело подготовка на дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија, во врска со кривичното дело повикување на насилна промена на уставниот поредок.
Уапсени се И.М. (48), Н.А. (47), В.К. (55), А.И. (49), С.Г. (52) и Б.М. (57), соопшти МВР.
Се сомнева дека на 21 јуни се сретнале во хотел во Краљево со цел да испланираат насилна промена на власта во Република Србија и договориле напади врз претставници на државни институции, физички напади врз припадници на полицијата со цел нивно разоружување, насилни упади во зградата на Владата на Република Србија и други институции, како и во медиумските куќи Радио Телевизија на Србија, „Хепи“ и „Информер“, сите со најава дека ќе употребат огнено оружје.
Против И.М. ќе биде поднесена и кривична пријава поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело нелегално производство, поседување, носење и трговија со огнено оружје и експлозивни направи.
Во автомобилот Шкода, со кој осомничениот И.М. се движел на пат кон Пожега, полицијата пронашла пиштол, со полиран сериски број, со рамка во која имало седум куршуми и фабричка кутија со 25 парчиња муниција, кои ги поседувал нелегално, без дозвола од надлежните органи.
Кај уапсениот В.К. е пронајден самострел.
Осомничените се задржани до 48 часа, по што, заедно со кривичната пријава, ќе бидат изведени во надлежното обвинителство.
Во тек се претреси на неколку локации на територијата на Србија, а во соработка со надлежните органи, полицијата продолжува да работи на овој случај.
Акцијата ја спроведоа припадници на Министерството за внатрешни работи, Управата за криминалистичка полиција, Службата за сузбивање на криминалот, Службата за антитероризам и полициските одделенија во Ужице, Чачак и Крагуевац, во соработка со Безбедносната и информативна агенција, а по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград.