Уапсени тројца насилници, со закани изнудувале пари од брачен пар во Скопје
Тројца скопјани се осомничени за изнуда, односно со закани и заплашувања принудиле брачен пар да им исплати пари, кои наводно ги должел нивниот син кој бил во Америка.
-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица на возраст од 26 и 24 години, осомничени за кривично дело – Изнуда од член 258 став 1 од Кривичниот законик, како и за еден 26-годишник осомничен за помагање при извршување на кривичното дело.
Жртвите најпрво почнале да добиваат пораки од првиот осомничен на социјалната мрежа „Фејсбук“, дека нивниот син наводно му должи пари, без да наведе износ. Потоа започнал да им испраќа и заканувачки пораки, а го ангажирал и вториот осомничен со други непознати лица да им се закануваат на оштетените и да бараат исплата на наведените средства.
Како дел на дејствијата на изнуда, тие им го скршиле стаклото на автомобилот на жртвите, со молотов коктел им ја опожариле влезната врата од станот и континуирано им се заканувале по живот. Синот кој бил во Америка исто така им потврдил на родителите дека и таму добива закани преку пораки и јавувања.
На 4 февруари, по претходен договор, третоосомничениот им помогнал на двајцата изнудувачи да ги преземе паричните средства од оштетените, по што на лице место бил лишен од слобода од полициски службеници, велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, како и мерка куќен притвор за помагачот