УБАВИ РАБОТИ

Колку и да не сака да се сеќава на Кочани, премиерот Христијан Мицкоски цел мандат ќе го следи трагедијата во дивото диско „Пулс“, 63-те мртви и над 200-те повредени. Таков му бил к’сметот, најголемата трагедија во современата македонска историја да се случи баш во неговиот мандат. Ама, пак, ете му и историска шанса да го смени системот баш за време на неговиот мандат.

Кога не би живеел во филмот на сопствената пропаганда во која треба да зборувме само за убави работи, Мицкоски би ги видел сите неправилности, дупки и злосторнички практики што доведоа до оваа трагедија. Кочани не беше обична несреќа. Тоа е злосторство извршено од системот што е длабоко корумпиран, од најниско локално до највисоко државно ниво. Ќе има осудени, ќе има и ослободени, ќе се влече судскиот процес и во мандатот на некоја следна Влада, ама сега веќе не е прашање само на личната одговорност на обвинетите, туку што ќе стори Владата и владејачката коалиција, од државно до локално ниво, Кочани веќе да не ни се повтори.

За жал, и по деветте месеци, не видовме никаква промена.

Од премиер не се очекува да ми кажува како тој лично се чувствува, туку што направил да го смени корумпираниот систем. Што направил за да ги ослободи институциите од партиската заробеност, од корупција, од „мои-твои“, од неспособни послушници, од локални силеџии на кои грбот им го штити партијата…

Не е негова работа да толкува одлуки на Обвинителството и судството. Не е негова работа да им кажува на новинарите што треба да пишуваат и како треба да пишуваат. Не е негова работа да му кажува на Собранието дали треба да има анкетни комисии или не треба. Не е негова работа да ѝ кажува на опозицијата дали им чини лидерот или треба да си го сменат.

Премиерот Мицкоски се меша во сечија работа, освен во својата.

Неговата работа е да ни обезбеди добро владеење. Да осигури дека сѐ што е криминална практика нема да ни донесе ново Кочани.

Свртете се околу себе – од разни зимоленди што помпезно се отвараат по општините како новогодишна магија, а работат на диво,  преку неисправните хидранти во влезовите, со години неконтролирани лифтови, блокирани паркинзи и тротоари, сомнителни хотели кои којзнае како добиле дозвола, катни гаражи во кои се пуши, импровизирани диско клубови среде станбени згради, со децении непроверени мостови, нерегистрирани возила по патиштата и чамци по езерата…

Не сакам да кобам, меѓутоа, огромен е списокот на сѐ што ни е Кочани во најава.

Нема да му биде лесно на премиерот. Веќе нема оправдување за неделување оти сега ја има власта и во Општините, па ќе мора да расчисти од најниско до највисоко ниво. Ако почне да расчистува неселективно, ќе го мразат и неговите.

Е тогаш ќе зборуваме за фини работи. А можеби и ќе се веселиме. И тогаш ќе го памтиме по добро. Ама сигурно нема да го памтиме по тоа дека сме на трето место по Ирска и Данска.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close