Убиецот од Бардовци, преместен во притвор во Шутка: ќе биде изолиран од останатите притвореници

Кривичниот суд во Скопје го прифати предлогот на Обвинителството и одреди мерка притвор од 30 дена за 36-годишниот Димитар Спасов, осомничен за бруталното убиство во Психијатриската болница „Скопје“ – Бардовци.
„Прифатен е предлогот на ОЈО за определување мерка притвор од 30 дена и е спроведен во КПУ Затвор Скопје, во посебно одделение, изолиран од останатите притвореници“, потврдија од судот за „Скопје1“.
Обвинителството отвори постапка за кривично дело – убиство по член 123 став 1 од Кривичниот законик, откако Спасов со стаклено шише смртно го повреди својот цимер, пациент со иницијали И.Т., по наводна кавга за легло. Телото на жртвата е предадено на обдукција.
Спасов, кој во 2012 година беше прогласен за непресметлив по убиството на својата мајка, подолго време бил забележуван како слободно се движи низ Ѓорче Петров и седи по кафеани, иако формално бил на задолжително лекување во психијатриската болница каде ја издржувал казната. Полицискиот надзор му бил повлечен по одлука на правосудни органи, а од болницата излегувал и се враќал без контрола.