Убиецот од Сиднеј целел жени, тврди полицијата

Австралиската полиција денеска објави дека ги истражува причините зошто напаѓачот со нож во трговски центар во Сиднеј се чини дека целел главно жени, јавува АФП, и потсетува дека во тој напад биле убиени пет жени и еден маж.

Сторителот на убиството е 40-годишниот Џоел Каучи, кој, според полицијата, имал проблеми со менталното здравје. Меѓу ранетите најголем дел од жртвите се жени.

„За мене и за истражителите е очигледно дека напаѓачот имал за цел жени и избегнувал мажи“, рече началникот на полицијата на Нов Јужен Велс, Карен Веб, додавајќи дека „снимката зборува сама за себе“ и дека тоа ќе биде „една страна од истрагата“.

Во саботата, Каучи избоде шест лица до смрт во преполниот трговски центар Вестфилд Бонди Џанкшн во источните предградија на Сиднеј, каде се наоѓа познатата плажа Бонди, а потоа беше застрелан од полицијата.

Веб рече дека не може да знае што му се сличуло на Каучи и дека иследниците ќе ги испрашуваат оние што го познавале. Неговиот Фејсбук профил покажува дека е од Тувумба, недалеку од Бризбејн и дека таму посетувал средно училиште и факултет. Неговите родители рекоа дека тој имал проблеми со менталното здравје уште од адолесценцијата.

Денеска, млада студентка на Универзитетот во Сиднеј, Јиџуан Ченг, беше идентификувана како неговата шеста жртва.

Родителите на Каучи го осудија „страшниот“ чин на нивниот син и изразија солидарност со жртвите. Каучи немал постојана адреса и главно живеел во автомобил. Контактите со родителите биле ретки. Во Сиднеј, тој изнајмил мал простор каде што полицијата пронашла само неколку предмети, вклучително и даска за сурфање.

На местото на злосторството биле положени букети цвеќе, знамињата беа спуштени на половина копје низ целата земја во знак на жалост, а вечерта операта ќе биде осветлена со црна лента

Back to top button
Close