Јубилејна 50. победа на Одермат

Швајцарецот Марко Одермат ја забележа својата 50.победа во кариерата во Светскиот куп во алпско скијање, триумфирајќи денеска во првата од двете спуст трки во италијанскиот зимски центар Вал Гардена.
Одермат, кој победи во првиот спуст во новата сезона во Бивер Крик претходно овој месец, ја мина скратената патека Саслонг за една минута и 24,48 секунди, што беше за 15. стотинки побрзо од сонародникот Фрањо фон Алмен (1:24,63). Третото место го освои италијанскиот скијач Доминик Парис, заостанувајќи 19. стотинки зад Одермат.
Стартот на трката беше одложен за повеќе од еден час поради слаба видливост во горниот дел од патеката.
Одермат е само петтиот скијач во историјата на Светскиот куп во машка конкуренција кој дојде до бројката од 50. победи, придружувајќи им се на Швеѓанецот Ингемар Стенмарк (86), австриските легенди Марсел Хиршер (67) и Херман Мајер (54) и Италијанецот Алберто Томба (50).
Одермат сега води во генералниот пласман на Светскиот куп со 605 бодови, пред Норвежанецот Хенрик Кристоферсен (302) и неговиот сонародник Тимон Хауген (281). Одермат е лидер и во поредокот во спуст со 200 бодови, пред Фон Алмен (130) и Парис (100)






