Убиствата на булеварот на смртта

Пред земјотресот живеевме на улицата „Народен фронт“, карши некогашната злогласна „Криминална полиција“ , така ја викаа. Денес тоа е улицата „Наум Наумовски – Борче“. Нашата куќа, како и стотици други се наоѓаа, или пак им беше дворно место, сегашниот булевар „Партизански одреди“. Кога сето тоа се разурна и луѓето ги раселија по новите населби, осамна најубавиот булевар во главниот град, скопјани го нарекоа „Партизанска“.

Беше голем престиж да се живее од двете страни на булеварот, многу повеќе отколку на Водно. Никнаа како печурки првите убави куќи и згради. Дали поради тоа, или од некаква завист, на шега „Партизанска“ ја викавме „бандитен штрасе“, со алузија како Германците ги викаа партизаните.

На секои 10 до 15 минути поминуваше по еден автомобил. Имаше и некои сериозни критики, се разбира не јавни, што ни треба толкава двонасочна магистрала среде град. Кога Скопје ќе има толку сообраќај.

Не помина долго време булеварот стана претесен и опасен по живот. Паднаа и првите жртви. Убавата „Партизанска“ стана булевар на смртта, авионска писта за ноќни автомобилски и мото трки. А, од Влае до центарот на Скопје се наредија една до друга над 30 коцкарници и уште толку кафулиња полни со млади луѓе кои се налеваат до доцните ноќни часови со високооктанско гориво. Комар, алкохол и дрога идеално за лудило и јавање на полноќ на сто или двесте коња.

За неколку години „трките“ на sидот на смртта се преселија и на другите булевари и улици. Тоа со години сите го гледаме што стана толку вообичаено па убиствата и тешките повреди со траен инвалидитет завршуваа со рутински извештаи во црните медиумски хроники како нешто нормално. Вестите во низа се банализираа како извештаи од крајот на светот: „Синоќа на булаверот ‘Партизанска’, ‘Јане Сандански’, ‘Србија’, ‘Пластичарска’… се случи тешка сообраќајна несреќа, животот го загуби едно лице, двајца се тешко повредени, лекарите се борат за нивниот живот“. И толку. Повремено кога ќе згасне млад живот, ќе се крене неколку дена прав. И пак толку.

И како што обично бива кај нас додека стаса судската разврска поминуваат години, краткото паметење нашата најдобра олимписка дисциплина, врските, корупцијата, се сведува на казна како да сте прегазиле мачка, а не човек.

Толку за нашата неправда за која толку врескаме кога некој друг ни ја нанесува повредувајќи ни ја гордоста и достоинството. Тоа е таа наша „стимулативна“ казнена политика за убиствата на сообраќајниците од лудаци.

Од тоа пострашно е односот на надлежните институции кои се одговорни и постојат и ги плаќаме за превентивата, за контрола на сообраќајот, за заштита на граѓаните и за почитување на законите, за нашето образование и за нас родителите и домашното воспитување. Тоа се нашите непростиви гревови. Постојат уште многу други причини што, не само Скопје, туку и целата држава се претвори во картел за производство на дрога, лихварници, дилери, диви јавни куќи, рекетари, ограбувачи, пиромани, разни насилници…

Дали некој надлежен во државата, или амбициозните истражувачки новинари и медиуми имаат направено некое истражување колку убиства, грабежи и трагедии се случуваат во Македонија поради погоре наброените речиси легални криминални банди кои практично се под заштита на државата и на криминалците со бели крагни кои на овој начин заработуваат милиони, а цената на животот паѓа стрмоглаво. И ако има такво истражување, досега не сум видел, колку тоа повлијаело нешто да се преземе. Сите надлежни институции за заштита на граѓаните со својот однос кон ова зло стануваат соучесници во убиствата прифаќајки ги спрегите на криминалците и политиката на неказнивост, најчесто диктирана од високата политика и со корупција.

Протестите за убиството на Фросина Кулакова се последна надеж дека партизираните институции на системот конечно ќе почнат да ја работат својата работа. Револтот на илјадници луѓе кои излегоа на скопските улици не се само поради неказнивоста и пропустите во судскиот систем, иако политиката го дава тој предзнак, туку многу повеќе за цела низа зарибани надлежни институции, поточно на целиот институционелн систем на Македонија. Има милион закони во државата кои се штанцаат секој ден во Собранието и стојат како мртво слово на хартија. Време е да се применуваат. Ако има некој свеж ветер кој доаѓа од север, тоа се студентите од Србија. Тие не бараат ништо друго освен институциите да си ја работат својата работа без притисок од власта. Крвавите раце се појавија и во Скопје.(независен)

Ерол Ризаов

Back to top button
Close