УБИВАЊЕ НА СВЕТСКИОТ ПОРЕДОК

Империјата на интересот против хуманоста
Почитувани читатели,
Од памтивека на човековото битисување на земјината топка, првобитниот, исконски инстинкт била потребата за преживување. После паганизмот, со почетокот на новата ера, со појавата на религиите меѓу луѓето, човекот созрева како најинтелигентно суштество освојувајќи се од останатиот животински свет.
Со својот интелектуален потенцијал, научен и сестран развој човекот станува владар на Земјата, разликувајќи се од останатите осумдесет милијарди живи битија коишто егзистираат покрај луѓето.
Со брзиот технолошкиот развој човекот го зазема пиедесталот на единствен господар на земјината хиерархија. Во еден таков современ свет егзистенцијата треба да е решлив проблем. Надградбата во животите на луѓето, во полето на културата, музиката, спортот исто така треба да е во натамошен пораст. За жал и покрај можностите за надградба и прогрес, хуманоста како врв на човековиот разум, е загрозена и потисната од моќта на интересот. Кога велам интерес мислам на најбруталниот, интерес во име на крвожедна алчност. Најопасниот вирус против кој нема вакцини е токму алчноста. Најголемиот непријател на безбедноста на човеково битисување на оваа планета.
Во историјата на човештвото, последниве неколку илјади години владееле империи кои што траеле пократок или подолг период согласно нивните предиспозиции и вештини за организирање на власта и владеењето. Историјата ги памети Персиската империја, Римската империја, Отоманската империја и Британската империја. Денес во светот водечка империја се САД поради нивните моќни организациски способности во континуитет, посветеност и систем кој создава силни кадри од луѓе кои ќе ја водат таа империја.
Дали сé уште постојат такви кадри и кадровска политика во најсилната империја?
Ако севкупната популација на нашата планета тежнее кон вечен мир, хуманост и просперитет за секој поединец, што е тоа што поединците ги прави неизмерно алчни? Поточно, зошто алчноста станува императив за владеење на империја.
Киднапирањето на претседателот на Венецуела, господинот Мадуро, е чин кој ги крши сите закони кога е во прашање независност на држава, членка на Обединетите нации.
Непријателството меѓу САД и Венецуела трае со децении. Венецуела важи за најбогата земја во светот со нафтени резерви. Изјавите на г-динот Трамп, претседателот на САД, во врска со киднапирањето на претседателот Мадуро укажуваат дека причината за ваквиот чин е преземање и контрола на светските резерви на нафта од страна на САД и нивните нафтени компании.
Се наближува една година од доаѓањето на претседателот Трамп на оваа функција. Целата светска заедница навиваше за неговото доаѓање на функција, бидејќи гарантираше дека во најкраток рок ќе го донесе мирот во Украина и Палестина. Што донесе Трамп изминава година? Недвосмислено е дека Трамп го штити само интересот на сопствената држава и алчно напаѓајќи ги туѓите природни богатства.
Го ,,реши” мирот меѓу Израел и Палестина, но цената ја платија Палестинците со многу жртви и разореност, поради немоќта да му понудат интерес кој го доби од Израел и севкупната светска еврејска популација.
Војната во Украина уште трае, бидејќи Трамп таму не гледа интерес за својата држава. Мудро молчи, со цел да се исцрпат силите на завојуваните страни, вклучително и ЕУ заедницата која во целост финансиски ја поддржува Украина во братоубиствената војна.
Гренланд е следната цел на г-динот Трамп за нејзино припојување кон САД на територија која денес ѝ припаѓа на Данска. Овој факт сам за себе говори дека и НАТО алијансата е во некоја фаза на распаѓање. Г-динот Трамп ќе анексира со сила територија која припаѓа на членка на НАТО. За г-динот Трамп суверенитетот на државите е мисловна именка доколку се работи за негов државен интерес. Спремен е преку ноќ да ги погази сите, со закон загарантирани суверенитети на држави, ако е во прашање негов интерес.
Се најавува, од страна на официјални лица од Белата куќа, дека после Венецуела се на отстрел и државите Куба, Колумбија, донекаде и Мексико. Жално е што, целиот свет и сите институции во светот, на овој пагански гест од страна на г-динот Трамп молчат. Обединетите нации, како највисокото тело кое ја гарантира независноста на државите, молчи за ваквата агресивна политика која ја води и најавува г-динот Трамп.
Мирот и безбедноста во светот се чувствуваат загрозени.
Дрскоста со која ја покажува својата воена моќ укажува дека интересот за г-динот Трамп е вечен императив.
Македонија, како посебна држава која цели 35 години чека пред вратата на ЕУ за членство, ја осети моќта на вечниот интерес. Нашите соседи Грција и Бугарија, со многу позначајна географска положба и посилно присуство во светската заедница, има многу повеќе што да понуди како интерес за европските велесили. Ние, за жал, како мала држава и мала нација немаме што да понудиме за туѓите интереси на европските велесили и затоа ја плаќаме високата цена за членството во Унијата.
Не ли е болно во денешни услови интересот да биде примарен во споредба со останатите човечки доблести кои треба да создаваат благосостојба, слобода, мир и правда за секој поединец и заедница? Жално е што судбината на целото човештво е во рацете на поединци за кои што сите хумани нешта кои го обликуваат човековото живеење се второстепени во споредба со интересот.
Убеден сум дека за луѓето како претседателот Трамп, ние обичните луѓе кои тежнееме кон светскиот мир каде ќе владее хуманоста, слободата и просперитетот, идентификувани сме како утописти. Дијаметрална е разликата меѓу таквите утописти и прагматичните интересџии и нивното поимање за обликување човечкиот поредок.
Епа, г-дине претседателе Трамп, јас сум од тие утопистите. Сакале да признаете или не, еволутивно сум над Вас, израснат како човек кој порано или подоцна човештвото ќе го разбере. Утопијата не е фикција, туку разум и желба да се стаса до совршено општество низ целиот свет. Треба почесто да ја слушаме песната на Џон Ленон „Imagine”, нештата да бидат појасни, барем преку највозвишената уметност, музиката. На светот му треба повеќе уметност, помалку конфликти, а најмногу мир. Не можете да замислите свет без воени жаришта затоа што страдате од внатрешен конфликт – жед за власт.






