„Убо дете е“: Општина Битола му додели годишна награда за заслуги на полицаец што отворил фејсбук-страница
Дарко Секуловски, полицаец од Битола, е добитник на наградата „4 Ноември“ за посебни достигнувања што ја доделува општината како највисоко признание на своите граѓани по повод Денот на ослободувањето на градот, пишува локалниот портал „Апла.мк“.

Престижната награда која се доделува еднаш годишно, Секуловски ја добива за неговата страница на „Фејсбук“ – „Просечен битолчанец“, поради тоа што ја промовирал Битола пред светот. Општината ја нарекува страницата на која се објавуваат статуси, забавни содржини и фотографии „фејсбук-портал“.
Во соопштението се вели дека Секуловски е награден за „културен придонес во промоцијата на градот Битола, особено преку најновите, современи алатки, односно „фејсбук-порталот“. За наградата него го предложило здружението за развој на спортот „Конзули-ветерани“ од Битола.
Именувањето на фејсбук-страницата како портал предизвика револт кај новинарите во Битола, пишува „СДК.мк“. Тие велат дека треба да се прави разлика помеѓу интернет-портали каде што се објавуваат новинарски содржини во кои мора да бидат запазени критериумите за етичко и професионално известување и „фејсбук-профили“ што може секој да ги отвори и да пласира содржини и ставови. Дел од новинарите сметаат дека на овој начин паѓа нивото на наградата зашто имаат колеги кои со години и децении пишуваат за градот и битолчани во релевантни медиуми, а не биле наградени.
На овој начин, полицаецот од сектор сообраќај, Секуловски, се вброи меѓу најзаслужните битолчани, заедно со поранешните добитници – доајените на битолското и македонското новинарство и фоторепортерство Петар Ставрев и долгогодишниот новинар Димче Миновски. Наградата „4 Ноември“ ја имаат добиено и новинарите Панде Манојлов, Зоран Пејковски, Панде Димитровски, Димитар Димитровски-Такец и други, професионалци во новинарството, публицисти и хроничари и промотори на градот Битола.
За Секуловски да ја добие наградата гласале петмина од вкупно осум членови на Управниот одбор на Фондот за доделување на наградата „4 Ноември“, односно како што кажуваат во разговор за „Апла“ советници од СДСМ, покрај нивните членови, „за“ гласала и поранешната претседателка на Советот Габриела Илиевска (од иницијативата Поинаку, н.з.). На прашањето што достигнување имал Секуловски во изминатата година што го гласале, советници од СДСМ не биле запознати, па велат:
„Гласавме оти има „фејсбук-портал“, убо дете е“.
„Апла.мк“ понатаму пишува дека советниците на СДСМ не прават разлика помеѓу „фејсбук-профил“ и „веб-портал“, а уште помалку помеѓу новинарство и занимација на „Фејсбук“.
Секуловски вели дека не е новинар и дека се направил превид во терминот „портал“, но факт е дека страницата ги промовира убавините на Битола.
„Апсолутно немам врска со новинарство, ниту, пак, наградата е за новинарство. Можеби е направен превид во зборот портал или страница, што не е толку значајно кај обичните гледачи, затоа и не се направи дистинкција помеѓу едното и другото, но ако некој е засегнат, длабоко му се извинувам. Целта на оваа фејсбук-страница е преку современите алатки да се промовираат убавините на Битола“, вели Секуловски за „СДК.мк“ и додава дека паричната награда ќе ја донира за семејството на прерано починатиот советник Зоран Петковски.






