Љубовта кон спортот преточена на хартија и секојдневно на терен со стружанецот Коста Хиохи

– Од устието, каде езерото ја љуби реката, до далјаните на север, од Езерски Лозја на исток, сѐ до Кулите и Ајрон на запад – живее тој посебен ендемски вид луѓе со нескршлив дух и ентузијазам. Струга како град е навистина неверојатен, зашто на ниту едно место на светов не можете да сретнете таков дух меѓу луѓето. Вака ни почна разговорот со професорот по спорт и спортски активности, спортист, спортски работник, успешен кајакар, хроничар, Коста Хиохи. Веќе 15 години професор во „Јахја Кемал“ колеџот во Струга, кондициски тренер во неколку спортски колективи во градот на мостовите, а специјалност му се пловните спортови. Коста или Коки, како што е познат меѓу сограѓаните, е и повеќекратен првак во кајак, со учества на европско и светско првенство. Во 2001 година бил избран и за спортист на годината во Струга. Дипломирал во Романија на факултетот за Физичко образование и спорт, при Западниот универзитет во Темишвар, а магистерскиот труд го одбранил на Факултетот за спортски менаџмент во Скопје.

Ја сака Струга, неговиот роден град, но онаа старата со својата автентичност и убавина…., она што треба да се промени во градот, според Хиохи, е света кај граѓаните. Поборник е за убавото, праведното….

Автор е на монографијата „Знам за еден град крај езеро“ (Струшки навивачки хроники), која во суштина е збирка со сеќавања од навивачи од различни генерации, пред се на фудбалскиот клуб „Караорман“ и на ракометниот клуб „Струга“. Ја подготвува втората монографија за веслачкиот клуб „Црн Дрим“ од неговото формирање до денес. Според авторот, се работи за монографско и алманашко издание, во кое ќе бидат опфатени најважните историски моменти во клубот, со искази и случувања од сите генерации.

Првата монографија на Коста опфаќа период од речиси едно столетие кога фудбалската игра доаѓа во градот до 2019 година, како признание по повод 30 годишнината од формализирањето на навивачката група „Паткари“. Во неа прави паралела како се навивало некогаш и како се навива сега. Како романтичарскиот пристап кон навивањето прераснува во нешто поагресивно, поарогантно, па дури и во девијантно однесување.

– По неколкугодишен труд и собирање информации ја напишав монографијата „Знам за еден град крај езеро“, која всушност претставува паметник на спортскиот живот во градот од настанувањето на првите спортски клубови до денес, пренесен од навивачите, истакнува Хиохи.

Секоја генерација, додаде, за своите денови кажува дека биле најинтересни и најдобри. Како најинтересен дел што остава посебен впечаток се натпреварите, и со сега актуелното дерби меѓу најспротиставените навивачки групи Охрид и Струга.

– Ќе го издвојам раскажувањето на доктор Климент Матоски, кога во Охрид биле нападнати од месното население, со свежи домати. Но, тогаш пристапот бил по романтичарски. Навивачите на стадион оделе во најсвечената облека што ја поседувале дома. Интересно е кога како провокација охриѓани кои дошле со брод во Струга и сметале сигурна победа бидејќи тимот им бил навистина подобар, сакале да прошетаат дотерана невеста по кејовите, но тогаш Караорман ги победл со 4:0, па невестата си останала така не прошетана, истакна Хиохи, со забелешка дека некогашното невино навивање прераснало во девијантна појава во општеството насекаде низ светот.

Го сака својот роден град, автентичен, со сета природност и убавина

Ја сака Струга, но онаа старата Струга со сета своја природност, убавина, автентичност. Со старата струшка архитектура, со живот дух на градот. Реагира на секоја неправда, која му се случува на градот и смета дека секој треба да реагира на неправдите кои ни се случуваат секојдневно.

– Она за кое сметам дека е добро и требаше да се зачува е старата струшка архитектура, која за жал се уништи во целост. Главното обележје на градот е реката Црн Дрим и треба да остане ваква како што е, без да се интервенира, како што имаше некои најави со осветлување. На тој начин се губи автентиката на она што сметаме дека е струшки бренд, рече Хиохи.

Она што треба да се промени во градот, додава, е свеста кај луѓето. – Свесно или не, се уништува градот, а културата со која располагаме е на најниско ниво, дециден е Коста.

Неизоставен дел од животот скоро три децении му е кајакарството. Во тинејџерските години како натпреварувач со освоени медали и признанија, а денес како дел од спортскиот клуб „Соларис“ организира кајакарски тури за сите љубители на спортот.

– Со кајакот другарувам веќе 30 години, најпрво активно како натпреварувач, се до заминувањето на студии, подоцна рекреативно. Денес како претседател на спортскиот клуб „Соларис“, кој како основа на своето постоење го има „спортот за сите“ организирам кајакарски тури за сите возрасни категории без разлика дали се спортисти, пливачи или непливачи. Искрената желба да ја споделам убавината на кајакарењето со останатите луѓе резултираше да се родат овие туристички тури, кои денес клубот со гордост ги промовира на сите авантуристи. Посебно сме горди на кајакарскиот спуст по Црн Дрим и Глобочичко Езеро кој преставува едно несекојдневно рекреативно доживување, посочува Хиохи.

Во разговорот кој го водевме не изостанаа ниту Струшките вечери на поезијата, фестивал со традиција со шест вековна традиција, кој смета дека е заштитен знак на градот и таков треба да остане, без мешање политика.

– Струшките вечери на поезијата како препознатлив знак за Струга во последно време и се одзема на Струга на еден брутален и груб начин. Имаме СВП во Скопје, во Охрид и во други градови. Се прават сурови обиди да се исполитизира фестивалот, со наметнувања на неприродни барања и кретериуми, кои навистина не му прилегаат, затоа што во суштина целта за создавање на еден таков фестивал лежи како постулат во работата на браќата

Миладиновци, кои во основа ја имаат словенската култура и треба да остане така, смета Хиохи.

Со предизвикот од пандемијата соочени и часовите по физичко

Новото време, наметнато од пандемијата го промени и образовниот процес. Часови по физичко, пред компјутер, за ефектот и колку може да се контролира пред камера Хиохи вели дека е тешко и не ги исполнува целите.

– Тешко е од аспект за спроведување на програмата и целите кои се предвидени. Секој клас има одредена програма по која се раководиме и има одредени цели. Пример кај најмладите се работи во контрибуција на елиминирање на деформитети на `рбетниот столб, борбата со гојазност, подобрување на кардиоваскуларниот систем. Ова што сега го реализираме, практично е само едно оправдување дека нешто правиме. Сметам и тврдам дека ниту еден од објективите, кои треба да ги исполниме не се допира до нив.

На час од 30 или 35 минути преку камера, вели дека тешко неможе да се контролира ученикот.

– На еден час со физичко присуство до некои ученици допираме многу тешко, а замислете сега каде апсолутно не сме во контакт со нив да им покажеме демонстрираме. Зависни сме и од технологијата, која често не издава. Паѓа интернетот, програмата не е како што треба, има деца од рурланите средини каде се губи интернетот и самиот чин на оценување е невозможен. Прво овие критериуми, кои се дадени за оценување се невоочливи. Учениците задолжително треба да имаат вклучено камера. Објективот на камерата е ограничен и тука има место за манипулација. Невозможно е да се контролираат сите ученици, посочува Хиохи.

Во однос на новиот образовен концепт во кој е предвидена дигитализација на учебниците, неговиот став е дека идејата не треба да се отфрли, но не смее да се имплементира наеднаш. Предолгата изложеност пред компјутер, додаде, предизвикува проблеми со очите, а целта на образованието е да не се прави лошо на децата.

– Многу е лесно да се отфрли некоја идеја. Овде има еден друг проблем со кој се соочуваме. Имаме ученици кои немаат елементарни услови за следење на наставата таква како што е, а камоли за следење на наставата и да бидат обврзани да имаат некои помагала. Не навлегувам дали е добро или не, не смее да биде наеднаш имплементирано. Печатените учебници се основата и тоа мора да постои и секаде постои, од друга страна се наѕираат и политички позадини на ваквиот предлог закон, па затоа сум внимателен со градење на мислење за него, нагласи Хиохи.

Слаѓана Стојкова Костоски

Back to top button
Close