Ученици поправале оцени во е-дневник, МОН бара сите родители и наставници да ги сменат лозинките


Ученици упаднале во системот на е-дневник па поправале оценки и пишувале недолични кометари. Поради овој инцидент, кој што се случил изминатиот викенд, надлежните од Министерството за образование и наука побараа од сите корисници (околу 140.000 наставници, професори и родители) да ги променат лозинките за да можат да се најават во системот.

Како што дознава Мета, ученици во училиштето „Коле Неделковски“ во Велес, искористиле ситуација на веќе вклучена професорска е-сметка, па пишувале недолични коментари во е-дневникот, поправале оценки, бришеле евидентирани часови. Тоа го потврди и директорката Весна Стојанова Богоевска, која сепак, не верува дека ова се случило за време на настава со оглед на тоа дека промени во системот биле внесувани во сабота, кога училиштата не работат.

Од МОН велат дека комплексноста на лозинките го подигнуваат нивото на заштита од злоупотреби на ИТ системите.

„За сите случаи што се пријавени како напади на системи (со оглед на тоа што МОН води повеќе системи поврзани со остварување на воспитно – образовниот процес и на права во областа на образованието и науката), се испраќа барање за стручна проверка од страна на соодветни лица лица од МВР. Во врска со користењето на системите и нивна безбедност, секогаш се применуваат светските пракси. Параметрите за комплексност на лозинките го подигнуваат нивото на заштита од злоупотреби на ИТ системите и оттука произлегуваат и нашите препораки до сите корисници на електронскиот дневник. Пристапот и чувањето на лозинката е одговорност на самиот корисник и таа особено треба да биде висока кога се работи за системи што содржат лични податоци“, велат во МОН.

Иако беше најавено дека ќе има нов електронски дневник, корисниците го користат стариот систем.

Back to top button
Close