Ученици упатувале онлајн закани кон фламанската министерка за образование

Јавното обвинителство на белгиската провинција Лимбург соопшти дека идентификувала 12 ученици кои упатувале онлајн закани кон министерката за образование во Регионалната влада на Фландрија, Зухал Демир, меѓу кои најмладиот бил на возраст од само 10 години.

– Тоа се ученици на возраст меѓу 10 и 15 години, од цела Фландрија. Сите ќе добијат пријави и соодветни мерки, изјави Ана Дегран од Јавното обвинителство на Лимбург.

Според Дегран, идентификуваните сторители ќе бидат обвинети за клевета и за упатување закани кон министерката.

Истрагата е поведена по пријава од страна на Демир дека добила 20 закани по нејзината најава пред 10 дена за реформи во образованието во Фландрија, кои меѓу другото вклучуваат редуцирање на деновите предвидени за професионален развој на наставниците и на други ненаставни активности.

Дегран најави дека Обвинителството работи на идентификување и на преостанатите лица кои упатиле закани кон министерката.

Инаку, според Дегран, во постапките против идентификуваните малолетници ќе биде користен индивидуален пристап и врз основа на него ќе се одредат мерките што ќе бидат преземени против секој од сторителите.

Back to top button
Close