Учениците од осмо и деветто одделение ќе можат да учат за истражувачкото новинарство во рамки на предметот Граѓанско општество
Учениците од осмо и деветто одделение во основните училишта ќе имаат можност како незадолжителна активност да изберат да изучуваат истражувачко новинарство по предметот Граѓанско општество. На почеток оваа активност ќе биде спроведувана како пилот проект за што денеска во Собранието беше промовиран Курикулум за истражувачко новинарство.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека Бирото за развој на образованието веќе го одобрило Курикулумот, кој, како што кажа, е еден вид практична школа за демократијата, а учениците ќе можат да обработуваат теми од заедницата, ќе поставуваат прашања и ќе бараат одговори, ќе работат во тимови и ќе создаваат новинарски текстови.
– Низ воспитно образовниот процес треба да подготвуваме нови генерации кои знаат, почитуваат и применуваат демократски принципи на еднаквост, слобода на говор и учество во носење одлуки. Ќе им овозможиме на децата од најрана возраст да учат дека сите, без разлика на пол, религија, раса и социоекономски статус и многу други елементи, имаат еднакви права и можности. Вештините на критичко размислување, тимската работа и дијалог, кои генерираат функционална демократија најдобро се усвојуваат кога се интегрирани во наставните програми, рече Јаневска.
Претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека истражувачкото новинарство во својата суштина е дисциплина на прашања, докази и одговорност. – Во време на огромен информациски шум, тоа е можеби една од највредните граѓански компетенции што можеме да ја поттикнеме кај младите да знаат да проверуваат, да анализираат и да донесуваат информирани заклучоци. Целта не е да создадеме новинари по секоја цена, туку да создадеме граѓани кои умеат да разликуваат факт од манипулација, аргумент од навреда, јавен интерес од сензационализам, рече Гаши.
Според него, младите се изложени на содржини кои доаѓаат брзо, често без извори и неретко со скриени намери. – Затоа, медиумската писменост и критичкото мислење не се „додаток“ – тие се основни граѓански компетенции. Со вакви курикулуми ние инвестираме во отпорноста на демократијата, во способноста на следната генерација да разликува факт од мислење, доказ од претпоставка и јавен интерес од сензационализам, додаде Гаши.
Тој упати порака до наставниците дека нивната улога е незаменлива и оти ниту една програма не може да успее без нивната енергија, без нивното искуство и без нивната верба дека учениците можат да научат повеќе кога им даваме простор да истражуваат, да прашуваат, да дебатираат и да градат аргументи.
Автор на Курикулумот за истражувачко новинарство по предметот граѓанско образование е Виктор Новаковски, а тој е изработен преку Програмата за парламентарна поддршка, Парламентарниот институт на Собранието и Швајцарската агенција за развој. Новаковски волонтерски го изработил Курикулумот, чија финална верзија била изработена во соработка со 23 наставници од основните училишта во целата земја.
Амбасадорот на Швајцарија Кристофер Зомер им се обрати на учениците кои беа дојдени заедно со свои наставници во Собранието порачувајќи дека тие ќе треба да истражуваат за подобро да разберат како функционираат институциите. Нагласи дека новинарството и граѓанското општество имаат значајна улога во спроведувањето на демократијата.






