Училишната година во Словенија почнува на 1 септември со физичко присуство

Министерката за образование на Словенија Симона Кустец денеска соопшти дека, врз основа на моменталната епидемиолошка состојба и трендовите, учебната година во Словенија ќе започне на 1 септември, потсетувајќи дека имплементацијата на препораките за заштита сè уште се обврска на сите.

– Меѓутоа, ако епидемиолошката состојба значително се влоши во следните две недели, ќе мора да се прилагодиме, рече Симона Кустец, најавувајќи дека сè ќе биде појасно в четврток, по седницата на словенечката влада и експозето за епидемиолошката состојба во Словенија на министерот за здравство Томаж Гантар.

– Јас лично ќе ги поддржам сите одлуки чија крајна цел е безбедно враќање во училиште за сите основци и средношколци, рече министерката.

Министерството за образование на Словенија подготви модели на наставниот процес и во случај училиштата да бидат целосно отворени, но и во случај училиштата да бидат целосно затворени.

Актуелни мерки препорачани од словенечката Влада се редовната хигиена, намалувањето на бројот на ученици на часовите и задолжителното носење заштитни маски.

Back to top button
Close