Ќучук: Македонија пропушта огромни можности, прозорецот за ЕУ нема скоро да се отвори

Европратеникот и известувач за земјава во Европскиот парламент, Илхан Ќучук предупредува дека со одбивањето да ги спроведе неопходните реформи, Македонија пропушта огромен прозорец на можности што нема да се отвори во наредните години.

– Скопје пропушта огромен прозорец на можности кој нема да се отвори во следните неколку години. ЕУ се менува многу брзо, вели тој во интервју за БГНЕС.

Според Ќучук, политиката на проширување денес е пред сè геополитичко прашање, што многу јасно се гледа на примерот на Украина, Грузија и Молдавија.

– Денес Северна Македонија е исправена пред голема дилема којашто не е само политичка, туку и општествена. Дали сака да продолжи по патот на својот цивилизациски развој, реформирајќи ги сите општествени сфери на животот, а со тоа и да ги приближи своите граѓани до ЕУ или не сака да се помести од местото каде што е. Ова прашање мора да се реши меѓу двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Мојот апел отсекогаш бил да не се пропуштаат можностите, бидејќи тоа ја оддалечува Северна Македонија од ЕУ, изјавил Ќучук.

Според него, Албанија веројатно ќе ги почне суштинските преговори со ЕУ во март или април, со што Македонија останува во групата со Косово и Србија што ќе биде дополнителен импулс за оние антиевропски сили што постојат во секоја земја да ги поткопаат темелите на ЕУ.

-Всушност, нема подобро место за живеење, за градење семејство и за бизнис од ЕУ, бидејќи тоа е високиот демократски стандард кон кој сите се стремат, додава Ќучук

Back to top button
Close