Ќучук за 360 : Имам чувство дека една од двете најголеми политички групации само декларативно е за ЕУ

„Фер документ кој ги покажува добрите страни и слабостите во реформската агенда на Северна Македонија“ – така Илхан Ќучук, известувачот на ЕП за земјава, го оценува извештајот на Европската комисија кој беше објавен минатата седмица. Во интервјуто за 360°, Ќучук ги потенцира сегментите каде мора да има подобрување – пред се, во односот меѓу власта и опозицијата за тоа дека членството во ЕУ е натпартсики проект. На прашањето дали смета дека меѓу двете политички групации има разлики во однос на пристапувањето на Северна Македонија во Унијата, Ќучук вели: „Имам чувство дека едната групација не ја поддржува постојано политичката ориентација на државата. Декларативно – да, сите се за ЕУ, но надвор од изјавите треба да се постигне консензус за да продолжат реформите“
360 °: Г. Ќучук, како известувач за Северна Македонија во ЕП, како гледате на неодамна објавениот Извештај на Европската комисија?

Ќучук: „Извештајот го оценувам како фер документ, кој го покажува неспорниот напредок на Северна Македонија во делот на надворешната политика – земјата е лидер во усогласувањето со политиката на ЕУ, таков напредок е спроведен во последните неколку години. Заедно со тоа, се забележуваат и некои проблеми што постојат од претходно, како на пример, владеење на правото, одредени позиции поврзани со назначувања што не беа реализирани. Но, итно прашање е односот меѓу двете страни во Собранието – опозицијата и владејачкото мнозинство. Овде сакам да бидам категорично јасен – нема како Северна Македонија да успее ако нема консензус на парламентарно ниво и на општествено ниво. Консензусот во едно општество во голема мера зависи од чекорите што ги преземаат политичарите. За секоја тема може да има различни ставови, за нив може да има тешки дебати, сериозни критики, но кога станува збор за иднината на земјата, а тоа неизбежно е поврзано со ЕУ, треба да има консензус меѓу двата блока – власта и опозицијата.“

360 °: Минатата недела во Брисел, при објавувањето на Извештајот, изјавивте: „Би ги охрабрил Владата и опозицијата да седнат и да најдат компромис за геополитичката ориентација на земјата. Дали мислите дека за ова прашање има разлика меѓу двете политички групации?

Ќучук: „Имам чувство дека едната групација не ја поддржува постојано политичката ориентација на државата. Декларативно – да, сите се за ЕУ, но надвор од изјавите треба да се постигне консензус за да продолжат реформите. Само изјави на хартија не се доволни, треба да има вистинска намера за исполнување на реформите, а за тоа треба договор. Познато е дека само едната групација не може да ги спроведе реформите во Собранието. За ова треба да се најде многу појасно разбирање. Не се сомневам дека граѓаните на Северна Македонија сакаат да ја видат државата во ЕУ. Но, понекогаш, се сомневам во дејствувањето на политичарите. Не сакам подлабински да одам во одговорот на ова прашање, но вистината е дека треба да се постигне консензус, инаку нема да бидеме на нивото на очекувањата и политичарите нема да бидат на нивото на очекувањата на граѓаните.“

360 °: Имиџот на ЕУ во земјава, но и во регионот на Западен Балкан не е добар најмногу поради неисполнетите ветувања од страна на Унијата, но и поради тоа што проширувањето како да постои само на хартија. Дали во ЕУ има чувство дека проширувањето треба повторно вистински да заживее?

Ќучук: „И за тоа се преземаат многу иницијативи. Промената на методологијата беше една од најважните – го направи процесот многу подинамичен. Тука се согласувам со критиката на сметка на ЕУ. Погледнете, во Северна Македонија – пред неколку години поддршката на граѓаните за ЕУ беше 85 отсто, а сега е 65 проценти. Да, ако ЕУ не го најде вистинскиот пат до граѓаните на земјите од Западен Балкан, ако не ги исполнува ветувањата, поддршката ќе се намалува. За тоа не може да се обвинува Европскиот парламент, ние имавме конзистентна политика и за почетокот на преговори со Северна Македонија и Албанија и за визната либерализација со Косово и во однос на целиот регион и неговиот напредок кон ЕУ. Оттука, сметам дека има многу нешта да се направат, но интеграцијата е двонасочен процес – ветувања, исполнување и ангажираност од страна ЕУ, но заедно со тоа треба да има и ангажираност и исполнување од државите што сакаат да бидат дел од тој клуб. Еве, ќе ви дадам неколку примери. Не беше лесно кога во Бугарија се одвиваа разговорите за промена на Уставот зашто во него пишуваше дека земја може да купуваат само бугарски државјани. Таа одредба требаше да се смени. Замислете колку беше комплицирано да се овозможи земјиште да може да купуваат други граѓани, странски државјани, а тоа е бугарско земјиште. Тоа беше многу сложена и многу емотивна дебата. Но, се виде дека со промена на Уставот ништо поразлично не се случи – има пазарен принцип, секој што купува земјиште, го обработува, тоа е бизнис-модел, а не купување земјиште заради националистички цели. Второто прашање беше затворањето на атомските централи за електрична енергија – и тоа беше многу сложено прашање. Од гледна точка на денешната реалност, Бугарија ќе имаше сосема поинакви капацитети ако располагаше со четири, а не со две. Но, и тука се постигна консензус кој одеше не само меѓу политичките сили што требаше да се согласат, а се согласија. Тие може да спорат за сè, но кога станува збор за иднината на земјата во ЕУ, нема потреба од спорови.“

360 °: Македонската Влада ја постави 2030 година како рок за влез во ЕУ. Што мислите, колку тоа е амбициозно и реалистично?

Ќучук: „Ако не се постават амбициозни цели, тие не може да бидат исполнети. 2030 г. не е толку блиску, сега сме 2022 г. и, реално, има уште осум години за земјата многу активно да работи за да ги спроведе реформите, во преговарачкиот процес да го промени она што не е добро и така да ја добие довербата на европските институции. Јас ја поддржувам таа амбиција, така треба да се дејствува – со амбиција, со ангажираност и тука барам дебатата за иднината да се отвори во македонското општество.“

360 °: Како би ги оцениле односите, актуелниот статус во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија?

Ќучук: „Треба ладнокрвно да гледаме на сè што се случува од двете страни на границата. Гледаме дека проблемите се исти и реакциите се исти во однос на тоа што се случи. За мене, најважно е да се создаваат блиски контакти и, на крајот, тие контакти треба да бидат меѓу граѓаните. Бугарите и Македонците подобро да се разбираат, а тоа може да се прави на различни начини – преку култура, образование, енергетска или транспортна поврзаност, ако сакате инфраструктура од друг вид, дигитализација, зелена економија, сето тоа дава различни можности. Од моето искуство можам да кажам дека тоа не е толку тешко. Направивме многу работи меѓу МИА и БТА. Видовме дека може да има соработка меѓу универзитетите – двострани програми, заеднички програми. Македонските граѓани може да добиваат европски дипломи работејќи меѓу универзитетите и тоа го прават ФОН, Американски универзитет заедно со еден дел од универзитет за финансии и осигурување во Бугарија. Имам амбиција да се збратимат општини, неодамна имаше такво нешто меѓу Чаир и Општина Белица, меѓу Крџали и Општина Струмица. Неодамна две училишта ми беа на гости во Брисел – училиштето „Исмаил Ќемали“ од Чаир и училиште од Велико Трново. Тие деца во рацете ги држеа македонското, бугарското и европското знаме. Јас за тоа работам и тоа е надвор од мојот основен мандат како известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент. Извештајот, кога ќе биде напишан, и тој ќе биде таков како што ќе биде – реалистичен, со плусовите и со минусите за земјата, но најголемата задача, и за мене и за моите колеги што сакаат да ги прифатат добрососедските односи како кауза, а не нешто што е само напишано на хартија во Брисел, е секој ден да се работи на приближување на граѓаните на двете страни.“

Back to top button
Close