Ударите на обвинетета Левковска не биле фатални за Тот, смета одбраната

Ударите кои ги задала Клементина во никој случај не можат да придонесат за смрт, смета одбраната на обвинетата Клементина Левковска во врска со случајот за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред ноќен клуб во Градскиот парк.

Одбраната на Левковска, во изјава за медиуми по денешната расправа од случајот пред Кривичниот суд во Скопје кажа дека сметаат дека квалификацијата на кривично дело „убиство“ кое ѝ се става на товар на обвинетата е неосновано.

-Ние ја браниме дека го нема направено кривичното дело што ѝ се става на товар – изјави адвокатот Бојан Василевски.

Одбраната не сакаше да ги коментира тврдењата на вештите лица и посочи дека во вештачењето стои дека е друга причината на смртта.

Согласно обвинителниот акт, Левковска, заедно со обвинетите Анџело Ѓоргиевски и Андреј Костовски се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

Денешното рочиште за случајот продолжи со изведувањето на доказите на обвинението со сведочење на вештите лица Александар Станков и Рената Јанкова од Судска медицина при Медицинскиот факултет во Скопје.

Вештите лица на денешното рочиште беа согласни дека повредите кои ги задобил сега покојниот се класифицирани како тешка телесна повреда со опасност по живот и истите се поврзани со смртниот исход на оштетениот.

Back to top button
Close