УЕФА нема да ги истражува навредите на Арнаутовиќ кон Алиоски

Европската фудбалска организација нема да отвори истрага по жалбата на ФФМ за однесувањето на австрискиот напаѓач на мечот од првото коло на ЕП против Северна Македонија. Арнаутовиќ во меѓувреме се извини.

Австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ се извини за навредите упатени кон македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски за време на мечот во Букурешт во неделата, а Европската фудбалска организација засега нема намера да отвора истрага и покрај жалбата на ФФМ.

„На вчерашниот натпревар имаше некои жешки зборови искажани среде емоциите на мечот за кои би сакал да се извинам, особено на моите пријатели од Македонија и Албанија“, порача Арнаутовиќ преку својот Инстаграм профил.
„Не сум расист“, рече австрискиот репрезентативец од српско потекло, а потоа упати и извинување и на македонски и на албански јазик.
По постигнувањето на својот прв, а трет гол за Австрија на мечот, Арнаутовиќ го навредуваше и пцуеше Алиоски на национална основа.

Фудбалската федерација на Македонија синоќа соопшти дека побарала од УЕФА да го истражи инцидентот и да го казни Арнаутовиќ за навредите.

„Најостро го осудуваме националистичкиот испад на Марко Арнаутовиќ упатен кон Езѓан Алиоски. Поднесовме официјален допис до УЕФА во кој бараме најстрога казна за Арнаутовиќ. ФФМ е секогаш против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме“, соопшти ФФМ на својата Фејсбук страница.

Според информации на германската спортска агенција СИД и на други германски медиуми, УЕФА не планира да отвори истрага за Арнаутовиќ. Тоа за СИД го потврдил портпарол на УЕФА, но причините не се наведени.

Арнаутовиќ вчера и во интервју за австриската државна телевизија ОРФ се обиде да ги смири страстите и уште еднаш да се извини за инцидентот. Тој вели дека по мечот разговарал со Алиоски и во соблекувалната, а во понеделникот и со капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев.

„Тој (Пандев, н.з.) ми е добар пријател и ми рече, заборави се, знам како е во фудбалот и какви се емоциите“, вели Арнаутовиќ.

Во интервју за албански медиуми и Алиоски потврди дека ги расчистиле недоразбирањата со Арнаутовиќ.

„Јас и Арнаутовиќ зборувавме по мечот и ги разјаснивме работите. Тој се извини, дојде во соблекувалната и ми подаде рака и тоа беше навистина фер од него“, рече Алиоски за „Дигиталб“.

Back to top button
Close