УГД-Штип по приведувањето на професорката: Имаме нулта толеранција за корупција, сите кои имаат сознанија за незаконски дејствија да пријават
Како Универзитет, имаме нулта толеранција за корупција. Во академската заедница нема место за никој што ја злоупотребува својата позиција, го нарушува интегритетот на образованието и ја изневерува довербата што му е дадена, се потенцира во соопштението од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, по денешното приведување на 39 годишната Т.А., професорка на Факултетот за медицински науки, која побарала мито од 300 евра од студент од Република Турција, за да положи испит.

Во соопштението од УГД-Штип се наведува дека за жал, ниту еден систем не е целосно имун на поединци кои се подготвени да го прекршат законот и да ја злоупотребат довербата што им е укажана.
-Токму затоа целосно ги поддржуваме активностите на надлежните институции во борбата против корупцијата. Само со професионални, законити и неселективни постапки можат да се откријат, санкционираат и трајно да се отстранат ваквите појави од академскиот систем. Веруваме дека токму ваквите постапки се единствениот пат кон посилни, поздрави и покредибилни институции. Така се штитат интегритетот, угледот и достоинството на високото образование и се зајакнува довербата на јавноста во академските институции-велат од УГД-Штип.
Раководството на УГД-Штип ги повикува сите кои имаат сознанија за корупција или други незаконски дејствија да не молчат. На Универзитетот постојат воспоставени механизми за пријавување на вакви случаи и секој може без страв да ги искористи.
-Истовремено, ги охрабруваме сите ваквите сознанија директно да ги пријавуваат и до надлежните институции. Само со навремено пријавување, професионално постапување и доследно почитување на законот можеме да изградиме систем во кој знаењето, чесноста и личниот интегритет ќе бидат единствените критериуми за успех, а оние што ја злоупотребуваат довербата што им е дадена нема да имаат место во академската заедница- се вели во писменото соопштение од УГД-Штип.





