Ѓукановиќ: Будењето ретроградни идеи ја загрозува стабилноста на Црна Гора и на Балканот

Во регионот има силни размислувања за одредени глобални политички нарушувања што доведоа до повторно будење на некои ретроградни политички идеи, главно инспирирани од рекомпонирањето на границите на Западен Балкан, рече црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во Њујорк по неформалната работна вечера со лидерите на Западен Балкан, чиј домаќин беше високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.

Ѓукановиќ рече дека е задоволен што Генералното собрание на ОН се одржува во традиционален формат по едногодишна пауза предизвикана од коронавирусот.

– Тоа убедливо сведочи дека целокупниот живот, дури и политички, полека се нормализира, дека светот ќе се справи со коронавирусот и дека мултилатерализмот е жив, рече Ѓукановиќ.

Тој смета дека тоа е многу важно, имајќи ја предвид природата на проблемите на глобалната политичка и општествена сцена.

– Ова се проблеми што не можат да се решат со национални формули, тие бараат акција на сите и затоа мултилатерализмот е многу важен, со центар токму во ОН, рече Ѓукановиќ.

Според него, Генералното собрание било инспирација за високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност да ги собере лидерите на Западен Балкан и уште еднаш да разговара за „нашите проблеми и нашата европска перспектива“.

– Ја искористив можноста да ги запознам со најактуелните политички и општествени настани во Црна Гора, да потсетам на напорите што ги направи државата во претходните години и децении за градење граѓански профил, градење и развивање мултиетничка демократија и трасирање и освојување значајни акции на патот кон европската интеграција, рече Ѓукановиќ.

Back to top button
Close