„УКИМци за Палестина“ до МНР: Осудете ја интерцепцијата и задржувањето на цивилите од бродот „Мадлин“
– На бродот има 12 цивили, европски државјани ангажирани во хуманитарна мисија, и нема никаква комуникација со нив од моментот на нивното приведување и насилно задржување од страна на израелските сили. Меѓу приведените се и државјани на земји со кои Македонија има блиски дипломатски односи: Франција, Шведска, Германија, Турција, Шпанија, Холандија, како и членка на Европскиот парламент. Ова претставува сериозно прекршување на меѓународното право, вклучувајќи ги и повелбите на Конвенцијата на Обединетите Нации за правото на морето (UNCLOS) и меѓународното хуманитарно право. Употребата на сила и приведувањето на цивили во мирна хуманитарна мисија, во меѓународни води, е незасновано и незаконско – велат студентите.
Тие го повикаа МНР да ја осуди интерцепцијата и задржувањето на цивилите од бродот Мадлин, да испрати официјална дипломатска нота до Израел со барање за итно ослободување и безбеден повраток на приведените и да ја спроведе заложбата на Македонија за почитување на меѓународното право, заштита на хуманитарните работници и превенција од геноцид.
– Вашата одлука да не го поддржите правото на самоопределување на Палестинците беше срамна за сите луѓе во оваа земја. Зборувате за меѓународно право, учествувате во Обединетите Нации, а во исто време не правите ништо. Учеството во меѓународниот систем не е само за дополнителни средства за владините избраници, бескрајни бранчови и јакнење на односите со Израел – туку е обврска за почитување и одбрана на меѓународното право – порачаа тие.