Украина ја повика Белорусија да ja повлече војската од границата
Украинското Министерство за надворешни работи ја предупредува Белорусија да не прави „трагични грешки“ додека е под притисок на Москва, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на министерството
Украина ја повика Белорусија да ги повлече своите воени сили и опрема распоредени на границата меѓу двете држави.
Украинското Министерство за надворешни работи ја предупреди Белорусија да не прави „трагични грешки“ додека е под притисок на Москва, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на министерството.
Во соопштението од украинското министерство белоруските вооружени сили се повикуваат да „престанат со непријателските акции“ и да се повлечат војниците од границата.
„Предупредуваме дека во случај на повреда на државната граница на Украина од страна на Белорусија, нашата држава ќе ги преземе сите неопходни мерки за остварување на правото на самоодбрана загарантирано со Повелбата на ОН. Следствено, сите концентрации на војници, воени капацитети и патишта за снабдување во Белорусија ќе станат легитимни цели за вооружените сили на Украина“ се додава во соопштението од украинското министерство.
Тенкови, топови и противвоздушни системи, како и друга инженерска опрема се наоѓаат во регионот Гомел во близина на северната граница на Украина. Во соопштението се вели дека Украина „никогаш не презела и никогаш нема да преземе непријателски дејствија против белорускиот народ“.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко на 18 август изјави дека Украина распоредила повеќе од 120 илјади свои војници на границата со Белорусија, односно речиси една третина од своите вооружени сили вдолж целата граница.
Белорусија минатата недела соопшти дека испратила авиони, сили за воздушна одбрана и оклопни возила на границата со Украина.