Украина бара итен прием во ЕУ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара итен прием на неговата земја во Европска Унија, барањето има широка поддршка во ЕУ, но прашањето се поставува како ќе се одвива процесот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Украинскиот претседател Зеленски повеќе пати, и денеска повторно упати порака дека ЕУ треба да ја прими итно неговата земја како членка.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен изрази поддршка и јасно кажа дека Украина има јасна ЕУ перспектива. Поддршка стигна и од Полска која смета дека Украина треба брзо да се приклучи кон ЕУ.

Во меѓувреме повеќе земји од Западниот Балкан, меѓу кои и Северна Македонија со години чекаат или зачленување или почеток на преговори со ЕУ.

Прашањето неизбежно се наметна на денешниот редовен брифинг за новинари во Европската Комисија, но институцијата упатува кон Советот на ЕУ, седиштето на земјите членки, каде се носат одлуките за проширување.

– Украина е европска земја, и постои специфичен процес, кога станува збор за пристапните преговори за исполнување на условите, истакна портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.

Зеленски, но и земји-членки на ЕУ како Полска, бараат забрзан прием на Украина. Дали ова значи дека е можна политичка одлука за членството на оваа земја во ЕУ, прашањето останува неизвесно, а ЕК нема одговор.

– Ова не е прашање за нас, улогата на Комисија е да ги води преговорите во име на ЕУ, но преговорите не се нешто кое го одредуваме, наведе Мамер.

Тој објасни дека претседателката Лајен даде перспектива за Украина согласно членот два на Повелбата на ЕУ, но рече и дека постои процес за проширување, и од нејзината изјава не произлегува дека во игра е девијација од тој процес.

– Комисијата работи врз основа на мандат од Советот, не го дефинира таа мандатот, посочи Мамер.

Големото проширување кон источноевропските земји во 2004 и во 2007 година беше токму политичка одлука со одреден датум однапред. Наредните недели и месеци ќе покажат дали за Украина е на маса таква опција.

ЕК преку портпаролот упати и зборови на поддршка за Северна Македонија и за Албанија, под постојана блокада во процесот.

– Што се однесува до сегашните кандидати ја слушнавте претседателката колку многу често кажа дека го вреднува и поддржува процесот на проширување кон овие земји на Западниот Балкан, ако некој сторил сѐ за да се оствари тоа, тоа е претседателката фон дер Лајен, додаде портпаролот.

Back to top button
Close