Украина ќе издаде поштенска марка посветена на победата на „Евровизија

На прикажаната скица за новата марка пишува „Помогнете му на Мариупол – Помогнете му на Азовстал“, зборовите што ги кажа фонтменот на групата Олег Псјук, на сцената во Торино по прогласувањето на победникот во саботата вечерта

Украинската пошта планира наскоро да издаде специјална поштенска марка, која ќе го одбележи успехот постигнат на „Евровизија“.

Украинската група „Калуш Оркестар“ победи на натпреварот за песна на „Евровизија“, благодарение на невидениот одѕив на телевизиските гледачи од цела Европа, кои гласаа за Украина.

За дизајнот на поштенската марка ќе одлучува уметничкиот одбор, напиша на Фејсбук првиот човек на Украинската пошта Игор Смељански и додаде дека се надева дека се ќе биде многу брзо.

И успехот на последните два украински победници на Евровизија, пејачките Руслана и Јамала, беше одбележан и со издавање на поштенски марки.

Неодамна Украинската пошта издаде марка посветена на украинските војници на островот Змии во Црното Море, кои одбија да се предадат на екипажот на руски воен брод.

Смељански објави скица за новата марка на која треба да пишува „Помогнете му на Мариупол – Помогнете му на Азовстал“. Ова се зборовите што ги кажа фонтменот Олег Псјук, на сцената во Торино по прогласувањето на победникот во саботата вечерта.

Пејачот исто така рече дека бендот има намера да го продаде својот трофеј од „Евровизија“ на аукција и да ги донира сите приходи од продажбата на Украина и на украинските вооружени сили.

Украинските власти ветија дека земјата ќе биде домаќин на натпреварот следната година, без оглед на војната.

Во моментов Украина не би можела да реализира ваков настан поради вонредната состојба во земјата. На сила е ноќниот полициски час, а на вооружениот конфликт со Русија не се гледа крајот.

Back to top button
Close