Украина и односите со Африка и Турција теми на средбата на европските шефови на дипломатии во „Гимних“ формат

Долгорочната стратегија на ЕУ за Украина и односите на Унијата со Африка и со Турција ќе бидат главни теми на работниот дел од неформален состанок во Брисел на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во „Гимних“ формат.

Овој тип на состаноци го носат овој назив според замокот Гимних во Германија, каде во 1974 година е одржана правата неформална средба на шефовите за дипломатиите на тогашната Европска Заедница, претходничката на денешната ЕУ. Карактеристиката на овие состаноци е што министрите не се придружувани од нивните помошници или соработници, што атмосферата на средбата го прави полежерна и доверлива за неформална и искрена размена на мислења.

Средбата почна синоќа со вечера на европските министри во Африканскиот музеј на која присуствуваа и нивните колеги од земјите членки на Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН), кои престојуваа во Брисел за учество на вчерашниот 24-ти министерски состанок ЕУ-АСЕАН.

Работниот дел од средбата на шефовите на дипломатиите на членките на Унијата ќе се одржи денеска во бриселскиот палата Егмон, каде на стартот ќе се дискутира за односите на ЕУ со Африка од аспект на растечките геополитички предизвици на континентот.

Министрите ќе разменат мислења за пристапот на ЕУ кон земјите од африканскиот континент, за поддршката, партнерството и соработката меѓу Европа и Африка, за начините на зацврстување на меѓународен поредок базиран на правила, како и за можностите за решавање на регионалните кризи и зајакнување на стабилноста.

Според најавите, основа за размената на мислења ќе бидат заклучоците од Самитот ЕУ-Африка од февруари 2022 година. Оваа дебата е особено значајна во услови кога Африка се соочува со влошена безбедносна ситуација, притисок врз уставните поредоци, стагнирачки социјален и економски развој и загрижувачко влијание на климатските промени.

Европските министри потоа ќе разговараат за долгорочната стратегија на ЕУ за Украина во услови на актуелната руска агресија врз земјата, пред се за континуираната воена и дипломатска поддршка на Унијата за Киев и за напредок на европскиот пристапен пат.

Последната тематска сесија на средбата ќе биде дискусијата за односите меѓу ЕУ и Турција, врз основа на заедничките заклучоци од 29 ноември за политичките, економските и трговските односи меѓу двете страни.

Министрите, според најавата, ќе разговараат за напредокот во партнерството и соработката меѓу ЕУ и Турција врз основа на заедничките интереси во сферата на надворешната и безбедносната политика и справување со домашните и регионалните предизвици, како и за демократските реформи во земјата и за стабилноста и безбедноста на регионот на Источниот Медитеран, на кој му припаѓа и членката на Унијата – Кипар.

Со средбата ќе претседаваат високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел и шефицата на белгиската дипломатија Хаџа Лабиб

Back to top button
Close