Украина можеби ќе мора да се откаже од територија како дел од мировно решение, вели градоначалникот на Киев
„Едно од сценаријата е…да се откажеме од територија. Тоа не е фер. Но, за мир, привремен мир, можеби тоа може да биде решение, привремено“, вели Кичко во разговор за Би-би-си
Украина можеби ќе мора да се откаже од делови од својата територија како услов за евентуален мировен договор со Русија, вели градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко во разговор за Би-би-си.
Според него, станува збор за едно од можните сценарија за кое притиска американскиот претседател Доналд Трамп во неговиот предлог за постигнување мировно решение, а што вклучува територијални отстапки од Украина.
„Едно од сценаријата е…да се откажеме од територија. Тоа не е фер. Но, за мир, привремен мир, можеби тоа може да биде решение, привремено“вели тој.
Но, како што нагласува поранешниот светски шампион во бокс, а сега политичар, украинскиот народ никогаш нема да прифати окупација од Русија.
Тој за британскиот национален сервис говореше неколку часа по вчерашниот руски напад со ракети и беспилотни летала врз Киев, во кој загинаа 12 луѓе, а повеќе од 80 се повредени.
Станува збор за еден од најсмртоносните руски напади врз украинската престолнина во последните неколку месеци.
Говорејќи за програмата „Денес“ на Би-би-си Радио 4 од неговата канцеларија во центарот на Киев, Кличко вели дека е одговорен за главниот град на Украина, кој го опиша како срцето на земјата разурната од војната која трае повеќе од три години.
Тој вели дека претседателот на земјата, Волоримир Зеленски можеби ќе биде принуден да прифати, како што го нарече, болно решение за да постигне мир.
Осврнувајќи се на изјавата на Кличко, британскиот сервис посочува дека грдоначалникот на Киев е еден од највисоките украински политичари кој јавно кажал дека неговата земја можеби ќе мора да се откаже од територија, иако привремено.
На прашањето дали Зеленски разговарал со него за какви било детали за евентуално решение, Кличко директно одговори: „Не“.
„Претседателот Зеленски го прави тоа самиот. Тоа не е моја функција“,додава тој.
Инаку, Кличко и Зеленски се политички противници. Градоначалникот постојано го обвинува претседателот и неговиот тим дека се обидуваат да го поткопаат неговиот авторитет.
Осврнувајќи се на тензиите меѓу Зеленски и американскиот претседател Трамп што се случија пред камерите во Белата куќа во февруари при посетата на украинскиот претседател на САД, градоначалникот посочи дека клучните прашања меѓу врвните политичари би биле подобро да се дискутираат вон објективот на камерите.
Инаку, претходно неделава, Трамп го обвини украинскиот претседател дека им штети на мировните преговори, откако украинскиот лидер повторно ја отфрли можноста за признавање на украинскиот полуостров Крим како дел од Русија.
За потсетување, полуостровот нелегално беше анектиран од Москва пред 11 години, односно во 2014 година.
Трамп рече дека Крим е изгубен пред многу години години“ и во моментов „не е ниту тема на дискусија“.
Од друга страна, пак, Зеленски посочи на „Кримската декларација“ од 2018 година од тогашниот државен секретар на Трамп, Мајк Помпео, во која се вели дека САД „го отфрлаат обидот за анексија од Русија“.
Украина и нејзините европски сојузници во последните недели изразија загриженост поради она што многумина на континентот го сметаат за затоплување на односите на Трамп со Русија на Владимир Путин.
Рускиот претседател нареди целосна инвазија на Украина во 2022 година, а по повеќе од три години броби, Москва во моментов контролира околу 20 проценти од украинската територија.