Украина нема да се откаже од територии – на коцка е иднината на Европа, вели украинскиот командат на армијата

Откажувањето од украинска територија во било каков мировен договор со Русија е целосно неприфатливо – ова јасно го порача генерал Александар Сирски, командантот на украинските вооружени сили, во ексклузивно интервју за Sky News. Тој предупреди дека Москва ги користи мировните иницијативи, поддржани и од САД, само како „параван“ зад кој продолжува да се обидува со сила да освои нови позиции на фронтот.
„Нашата основна мисија е да ја браниме нашата земја, нашиот народ и нашата територијална целина,“ изјави Сирски од импровизираниот команден центар на источниот фронт. „За нас е апсолутно невозможно само да се откажеме од делови од нашата држава. Што значи тоа? Да ја предадеме земјата за која се бориме?“
Генералот нагласи дека секоја војна завршува, но дека единствен прифатлив исход е праведен мир – мир без услови и без територијални компромиси.
„Праведен мир значи запирање на линијата на фронтот таму каде што се наоѓа денес. Нема откажување од територии,“ истакна тој.
На прашањето што би се случило доколку новата администрација во Вашингтон, предводена од Доналд Трамп, ја прекине воената поддршка, Сирски одговори дека Украина длабоко ја цени американската помош, но дека се подготвува и за алтернативи.
„Се надеваме дека САД ќе продолжат со поддршка. Но ако не, очекуваме европските партнери да ја преземат улогата на главни носители на помошта,“ рече тој. „Ние не ја браниме само Украина, туку цела Европа. Ако нè нема нас, некој друг ќе мора да се брани на европско тло.“
Сирски даде и преглед на состојбата на боиштата.
Украинските сили контролираат дел од Покровск, а борбите продолжуваат околу Купјанск, Лиман и Хуљајполе. Русија секојдневно истрелува 4.000 до 5.000 дронови-камикази и уште до 2.000 дронови со фрлање бомби.
Украина, пак, одговорила со приближно ист интензитет, па генерал Сирски оцени дека во сегментот на дронови постои „приближен паритет“.
Тој додаде дека повеќе од 710.000 руски војници се распоредени по должината на фронтот, долг околу 1.255 километри, и дека руските загуби достигнуваат од 1.000 до 1.100 војници дневно – најголемиот дел загинати.
„Нашата стратегија е јасна: да ја исцрпиме руската армија, да спречиме пробиви, да го задржиме територијалниот интегритет и да нанесуваме удари во нивната позадина и на руска територија, каде што е можно,“ рече Сирски.
Тој подвлече дека руската војска се обидува да напредува по целата линија на фронтот, но дека украинската страна се прилагодува со комбинација од дефанзивни и ограничени офанзивни операции.
Сирски со силна порака заврши:
„Судбината на Европа е на коцка. Ако Украина падне, Европа ќе биде следната што ќе мора да се брани.“
Извор: skopje1.mk






