Украина осудила 26 лица за воени злосторства, покренати обвинение за уште 296 лица

Од рускиот напад врз Украина, пред една година, украинските судови досега осудија 26 осомничени лица и поднесоа обвиненија против речиси 300 лица, изјави денеска Мирослава Красноборова, украинската обвинителка која ги координира случаите за воени злосторства во Хаг.

Британските медиуми ја цитираат Красноборова во изјавата дека 26-те лица биле осудени за злосторства, вклучувајќи и силувања, убиства, гранатирања станбени згради, сурово постапување со цивили и грабежи….

-Од 24 февруари минатата година Украина досега има регистрирано повеќе од 71.000 наводни воени злосторства, кажа таа.

„Суровоста и уништувањето предизвикани од Русија се колосални и бескрајни“, рече Красноборова.

Според неа, милиони Украинци во оваа една година биле принудени да остават се зад себе и да си заминат од домовите.

-Масовните ракетни напади ја уништуваат цивилната инфраструктура и многумина трагично ги загубија животите“, рече таа.

Красноборова изјави дека тоа што е направено не може да се врати, но она што може да се направи е одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.

-За воени злосторства досега се обвинети вкупно 296 лица, а украинските судови во моментов работат на 99 случаи, додаде таа.

Русија негира дека извршила воени злосторства и дека цивили биле нејзина цел.

Back to top button
Close