Украинците протестираа пред руска амбасада

Тука сме да ви кажеме дека со тоа што го направивте денеска, со ваков терористички чин, се убивате сами себе, ја туркате својата земја кон изолација, сиромаштија и ја уназадувате. Овие ракети што денеска го убија невооруженото население во Украина, исто така, ги убиваат и вашите идни генерации, порачаа од здружението „Лејса Украина”, кои попладнево организираа протест пред Амбасадата на Руската Федерација во Скопје.

„Единствено што ѝ преостанува на Русија е терор врз цивилното население. Подмолен напад врз големи украински градови, додека луѓето спиеле и утрото кога тргнале на работа, за да има што повеќе цивилни жртви, како и напад врз енергетски објекти, со цел населението да остане без струја и вода. Тоа е единствено за што сте способни, да се борите со деца и повозрасни лица, без оружје“, порачаа од Здружението.

Утрово врз неколку градови во Украина беа истрелани најмалку 75 проектили, од кои 41 биле соборени од воздушната одбрана на Украина. Најмалку 11 лица загинаа, а 64 се повредени во руските воздушни напади.

„Светот уште еднаш го виде вистинското лице на терористичка држава која го убива нашиот народ. Не само на бојното поле, туку и во мирните градови. Русија е земја која го крие своето крваво и криминално јадро и целта на зборовите за мир. Ова докажува дека ослободувањето на целата наша земја е единствената основа за мир и безбедност”, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска на Твитер.

Руските воздушни напади врз Украина денеска ги осудија и претставниците на Европската Унија, НАТО и Советот на Европа, како и дел од лидерите на европските држави и САД.

Back to top button
Close