Украинците во земјава благодарни за помошта од властите, но бараат и олеснет пристап до вработување

Украинците кои по руската воена инвазија на нивната татковина одлучија да се засолнат во земјава денеска јавно изразија благодарност до македонските власти и до народот во земјава за, како што велат, големата помош која им е дадена уште од првите денови по нивното доаѓање.

„Многу сме ѝ благодарни на цела Македонија. Се соочивме со бегалската криза, а тогаш ни помогнаа многу Црвениот крст, хуманитарната организација ‘Свети Спас’ и организацијата ‘Легис’, со што бегалците кои се згрижени тука се подмирени со храна, хигиена и со лекување, што им овозможува да се чувствуваат комфорно додека се во Македонија“,изјави претседателот на здружението на Украинци во земјава „Лесја Украинка“, Александар Урбанович, на денешниот митинг кој се одржа на плоштадот „Македонија“ по повод една година од руската инвазија.

Единствено нешто за кое сè уште не нашле решение, како што посочи претседателот на „Лесја Украинка“, е лесното вработување на украинските бегалци во Македонија кои сакаат да заработат некој денар за да можат да опстојат.

„Во моментов околу 400 бегалци кои се наоѓаат тука имаат извадено лична карта од хуманитарни причини за да можат да престојуваат подолго од три месеци. Таа лична карта им овозможува само престој, но не им дозволува лекување и не им дозволува вработување. Би сакале да замолиме, ако може, тоа да се среди како во ЕУ, односно со добивање лична карта од хуманитарни причини да се овозможи и вработување и лекување“,додаде претседателот на здружението на Украинци во земјава „Лесја Украинка“, Урбанович.

Здружението на Украинци во земјава „Лесја Украинка“ денеска одржа митинг на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје по повод годишнината од почетокот на руската инвазија врз Украина. Од скопскиот плоштад учесниците на митингот се упатија кон паркот „Жена борец“ каде што положија цвеќе пред споменикот на Тарас Шевченко.

Back to top button
Close