Украинската министерка за енергетика, Гринчук поднесе оставка

Украинската министерка за енергетика, Свитлана Гринчук денеска поднесе оставка поради истрагата на Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) за злоупотреби во енергетскиот сектор.
Таа во објава на Фејсбук негираше какво било незаконско дело.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска повика на разрешување на министрите за правда и за енергетика, додавајќи оти ја поддржува истрагата на антикорупциските власти.
Претходно, украинската Влада на денешната вонредна седница одлучи да го суспендира Герман Галушченко од функцијата министер за правда.
– Разговарав со премиерката на Украина, Јулија Свириденко. Се согласувам целосно: Треба да се донесе политичка одлука, а дури потоа да се разгледаат сите детали. Не се држам до функцијата министер и нема да се држам. Верувам дека суспензијата за време на траењето на истрагата е цивилизирано и правилно сценарио. Ќе се бранам во правната сфера и ќе го докажам мојот став, напиша Галушченко на Фејсбук.
НАБУ на 10 ноември објави специјална операција за откривање корупција во енергетскиот сектор. Истрагата утврдила дека членови на криминална организација изградиле голема шема на влијание врз стратешки претпријатија од државниот сектор, особено врз нуклеарната агенција Енергоатом.
Во големата корупциска шема во енергетскиот сектор, според НАБУ, испрани се речиси 100 милиони долари.
НАБУ вчера соопшти дека се приведени пет осомничени и идентификувала уште двајца поврзани со заговорот за контрола на јавните набавки во државните претпријатија, особено Енергоатом.
Во соопштението на НАБУ не се именувани ниту еден од обвинетите учесници во шемата. Но, според неименувани извори, главен организатор е Тимур Миндич, поранешен деловен партнер на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Миндич е ко-сопственик на Студио Квартал 95, каде што Зеленски ја изгради својата кариера како комичар пред да победи на претседателските избори во 2019 година.
Другите лица под истрага се поранешен советник на министерот за енергетика, раководителот на одделот за безбедност во Енергоатом и четворица „административни“ вработени.
Истрагата на НАБУ траеше 15 месеци, при што се извршени 70 претреси низ целата земја.
Според истрагата, деловни партнери на Енергоатом биле принудени да плаќаат мито од 10 до 15 проценти за да избегнат блокирање на плаќањата или губење на статусот на добавувачи. Се наведува и дека „стратегиски претпријатија со годишен приход од над 200 милијарди гривни (околу 4,8 милијарди долари) биле контролирани од лица без официјални овластувања“.






