Украински дрон погодил руска подморница вооружена со ракети „Калибар“, соопшти СБУ

Украински подводни дронови „Саб Си Бејби“ (Sub Sea Baby) по првпат во историјата погодија руска подморница од проектот 636.3 „Варшавјанка“ за време на операција во пристаништето Новоросијск, пренесе Укринформ, повикувајќи се на Службата за безбедност на Украина (СБУ).
Оваа подморница во кодификацијата на НАТО се води како класа „Кило“.
„На подморницата имаше четири лансери за крстосувачки ракети ‘Калибар’, кои непријателот ги користи за напади на украинска територија“, се вели во соопштението на СБУ.
Во операцијата учествувале 13-тата Главна дирекција за воено контраразузнавање на СБУ и украинската морнарица.
„Цената на подморницата од класата ‘Варшавјанка’ е околу 400 милиони долари. Со оглед на актуелните меѓународни санкции, изградбата на таква подморница може да чини до 500 милиони долари. Оваа класа подморници е позната и како ‘Црна дупка’ поради способноста на нејзиниот труп да апсорбира звук и да остане во голема мера незабележлива“, пишува СБУ.
Украинската разузнавачка служба забележува дека руските поморски сили биле принудени да ја преместат подморницата во пристаништето Новоросијск поради успешните операции со надводни дронови „Си Бејби“, кои ги протераа руските бродови и подморници од Севастополскиот Залив.






